Двајца повредени во руски воздушен напад на Киев

Последици од руски воздушен напад врз Киев (фотоархива)

Во воздушен напад од руските сили врз регионот на Киев во текот на изминатата ноќ повредени се две лица, а десетици станбени и други згради се оштетени, соопшти денеска (23 јуни) шефот на регионалната државна администрација, Руслан Кравченко.

Од три проектили што ги лансирала Русија, украинските системи за противвоздушна одбрана уништија два над регионот на Киев, изјави командантот на украинските воздухопловни сили, Микола Олешчук.

Во својата објава на Телеграм, тој не наведе што се случило со третата ракета.

Видете и ова: Русија изврши голем напад врз електроенергетската инфраструктура на Украина

Кравченко, пак, наведе дека двете лица биле повредени од урнатините од зградите, но не била потребна хоспитализација.

Тој додаде дека оштетени се и шест висококатници и повеќе од 20 приватни домови. Освен на нив, штети има и на една бензинска пумпа, аптека, управна зграда и три автомобили во регионот.

Киев, неговата околина и неколку други региони низ Украина беа под воздушна тревога во раните утрински часови во неделата.

Очевидци за Ројтерс изјавија дека слушнале неколку експлозии во и околу Киев во тоа време, кои звучеле како системи за противвоздушна одбрана да погодуваат оружје за воздушен напад.