Вучиќ и Курти ќе се сретнат на 26 јуни во Брисел

Курти и Вучиќ на самитот на лидерите на Западен Бакан и ЕУ во Скопје, 22.01.2024.

Лидерите на Србија и на Косово ќе се сретнат на 26 јуни во Брисел, потврди портпаролот на Европската унија Петер Стано.

Ова ќе биде прва средба на највисоко политичко ниво годинава. Средбата се одржува во рамки на дијалогот за нормализација на односите, а домаќини ќе бидат шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и специјалниот европски пратеник за дијалогот, Мирослав Лајчак.

„На покана на високиот претставник на Европската унија, Жозеп Борел, на следниот состанок ќе учествува и премиерот на Република Косово. Главен фокус на овој состанок ќе биде имплементацијата на основниот договор и неговиот анекс, како и патот напред“, изјавија од кабинетот на премиерот Албин Курти за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Хил: Признавањето на Косово не е услов за влез на Србија во ЕУ, туку нормализација

Засега од европската страна нема детали за агендата на идната средба на лидерите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти последен пат се сретнаа на 14 септември минатата година.

Потоа се разговараше за имплементацијата на договорниот план што лидерите го постигнаа претходно во 2023 година во Брисел и Охрид.

Средбата беше неуспешна, а заврши со тоа што косовскиот премиер отворено го обвини европскиот посредник Мирослав Лајчак дека „не е неутрален“.