Путин во Виетнам повика на зајакнување на „стратешкото партнерство“

Рускиот претседател Владимир Путин и виетнамскиот претседател То Лам се ракуваат во Претседателската палата во Ханој, Виетнам на 20 јуни 2024 година.

Рускиот претседател Владимир Путин за време на државната посета на Виетнам на 20 јуни рече дека зајакнувањето на стратешките врски е „еден од неговите приоритети“, пренесува Ројтерс.

Еден ден по потпишувањето на договорот за заемна одбрана со Северна Кореја, Путин рече дека Москва и Ханој сакаат да изградат, како што рече, сигурна безбедносна архитектура во азиско-пацифичкиот регион. Тој исто така додаде дека Русија сака да ги прошири енергетските инвестиции во Виетнам.

Претседателот То Лам му честиташе на Путин за неговиот реизбор и ги пофали достигнувањата на Русија, вклучително и „домашната политичка стабилност“.

„Уште еднаш, му честитам на нашиот другар што доби огромна поддршка за време на неодамнешните претседателски избори, нагласувајќи ја довербата на рускиот народ“, рече Лам.

Двајцата претседатели присуствуваа на размената на 11 договори и меморандуми за разбирање, вклучително и договори за нафта и гас, нуклеарна наука и образование.

Видете и ова: Оштетена енергетска инфраструктура од руски напади во четири украински региони

Путин, исто така, рече дека го почитува дијалогот со регионалниот блок, Здружението на нациите од Југоисточна Азија, во кој Виетнам имаше активна улога.

Соединетите Држави ја критикуваа посетата бидјеќи му дава платформа на Путин да ја промовира инвазијата врз Украина.

Виетнам сè уште ги цени историските врски што ги има со Русија, иако работи на подобрување на односите со Европа и САД.

Инвазијата врз Украина стави пред Виетнам дипломатски предизвик, со кој засега „добро се справува“.

Имено, Виетнам беше воздржан во различни резолуции на Обединетите нации со кои се осудуваа руските постапки, но сепак одржуваше добри односи со Украина, па дури и испрати одредена помош во Киев, пишува Би-Би-Си.

Виетнам се држи до своите долгогодишни политички принципи да се биде пријател со сите, но да нема формални сојузи - она што раководството на Комунистичката партија го нарекува „бамбусова дипломатија“, свиткување на ветровите на ривалството на големите сили без заземање страна.

Ова е причината зошто Виетнам толку лесно ги подобри своите односи со Соединетите Држави, земја против која нејзините поранешни лидери водеа долга и разорна војна, во интерес да бараат профитабилни извозни пазари и да ги балансираат блиските врски со соседна Кина.

САД се спротивставија на официјалната посета на Путин на Виетнам со образложение дека таа ги поткопува меѓународните напори за изолирање на Русија.

Видете и ова: Путин и Ким Џонг Ун договориле меѓусебна подршка во случај на „агресија“

Пред неговото пристигнување, Путин ја пофали земјата за нејзиниот балансиран став кон војната во Украина. Пред државната посета на Виетнам, Путин го пофали Виетнам за поддршката на „прагматичен начин за решавање на кризата“ во Украина, пишува весникот „Нхан Дан“.

Рускиот лидер, кој ја прави својата прва посета на Виетнам од 2017 година кога присуствуваше на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC), рече дека Русија и Виетнам исто така споделуваат „слични оценки за ситуацијата во азиско-пацифичкиот регион“.

Позицијата на Виетнам на Јужното Кинеско Море се разликува од онаа на Кина, која тврди дека стратешкиот воден пат е речиси целосно негов, вклучувајќи ги и полињата со гас и нафта во ексклузивната економска зона на Виетнам каде руските компании вадат нафта и гас.

Рускиот лидер ќе присуствува на церемонијата за пречек во претседателската палата на 20 јуни, пред да се вклучи во билатерални разговори со шефот на Комунистичката партија Нгуен Фу Тронг. Тој ќе се сретне и со виетнамскиот премиер Фам Мин Чин и виетнамците кои студирале во Русија.

Со оглед на тоа што е изолиран на меѓународната сцена, Путин се обидува да ја добие поддршката од преостанатите сојузници на Русија.