ФФМ бара казна за фудбалерот на Албанија Даку поради скандирања на ЕП против македонската држава

Логото на ФФМ.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрази „длабока загриженост и недвосмислена осуда“ во врска со националистички скандирања од репрезентативецот на Албанија Мирлинд Даку насочени против македонската држава по завршувањето на вчерашниот натпревар Хрватска-Албанија на Европското првенство во Германија (ЕУРО 2024).

„Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот. Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како ФИФА и УЕФА“, се вели во реакцијата на ФФМ.

Реакцијата доаѓа по мечот на 19 јуни кој Албанија го одигра 2:2 против репрезентацијата на Хрватска на Европското првенство, а на кој Албанија постигна гол во судиското продолжение. Додека навивачите го славеа освоениот бод, Дука земал мегафон и од теренот скандирал против Македонија.

Видете и ова: ЕУРО 2024: Подгответе се за натпревари, политика и ултраси

Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување наведе дека ќе прати официјален допис до УЕФА.

„Го повикуваме Мирлинд Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика“, наведува ФФМ.

Во реакцијата Фудбалската федерација на Македонија ги повикува релевантните институции да го истражат инцидентот и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување.