Ерменскиот премиер нареди уставни измени за да се отвори патот за договор со Баку

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан нареди да се подготви нов устав поради барањата на Азербејџан да се отстрани референцата за Нагорно-Карабах од основниот закон на Ерменија.

Пашинјан му даде рок на Советот за уставни реформи до 30 декември 2026 година да подготви и одобри нов устав.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев постојано бараше Ереван да го промени уставот како главен услов за склучување мировен договор со Ерменија.

Баку бара од уставот да се отстрани референцата за обединување на Нагорно-Карабах со Ерменија.

Видете и ова: Медиумските групи ја осудија ерменската полиција за повредите при судирите

Азербејџан ја врати контролата врз отцепениот регион во септември 2023 година, по молскавична офанзива.

Ерменија и Азербејџан имаат договор за прекин на огнот на границата и преговараат за мировен договор.

Истовремено, во Ереван во изминатите денови беа организирани протести против плановите за предавање на неколку погранични области на Азербејџан како дел од мировниот договор.

Тие беа предводени од Баграт Галстаниан, 53-годишен поглавар на Тавушската епархија на Ерменската апостолска црква. Со неговото движење Тавуш за татковината, тој привлече десетици илјади демонстранти во невиден предизвик за шестгодишното раководство на Пашинјан.