Нови напади со руски дронови дополнително ја десеткуваа енергетската инфраструктура на Украина

Министерство за енергетика на 19 јуни соопшти дека во нападите била погодена електроцентрала во централна Украина (фотоархива).

Нови напади со руски беспилотни летала во текот на изминатата ноќ дополнително ја оштетија веќе десеткуваната енергетска инфраструктура на Украина.

Украинското Министерство за енергетика на 19 јуни соопшти дека во нападите била погодена електроцентрала во централна Украина, при што „оштетена е одредена опрема“.

Ваквиот извештај дојде еден ден откако властите рекоа дека Украинците треба да очекуваат постојани прекини на електричната енергија поради оштетување на електроенергетските постројки.

Видете и ова: Продолжува рекордниот увоз на струја во Украина

Во последните месеци, украинските енергетски капацитети се редовна мета на руски ракети и дронови. Како резултат на овие напади, во Украина се користат распореди за исклучување на електричната енергија бидејќи нема доволно за да се покријат потребите на сите потрошувачи.

Поради недостатокот, Украина во последно време увезува рекордни количества енергија.

Пред една недела, украинската влада соопшти и дека земјите-членки на Групата седум (Г7) се согласиле да обезбедат повеќе од милијарда долари за поддршка на енергетскиот сектор на Украина.