Судскиот совет од денеска (19 јуни) и официјално добива двајца нови членови откако пред претседателот на Собранието Африм Гаши дадоа свечени изјави.
Станува збор за судијата од редовите на Врховниот суд, Исамедин Лимани и Александар Камбовски од Апелацискиот суд во Битола.
Двајцата порачаа дека „никој не треба да се меша во судската власт“.
На прашање што мисли за распуштање на Советот, Камбовски рече дека нема што да мисли сега, бидејќи треба да се разгледаат новите предлози, а засега нив не ги знае.
„Секогаш е убаво судството да е независно. Тоа е една од властите во државата. Како што се независни другите власти, треба и судството да биде независно и само да решава за своите потреби“, рече Камбовски.
Видете и ова: Актуелниот Судски совет „трн во око“ на новата властНиту судијата Лимани не одговори дали смета дека Судскиот совет треба да се распушти, туку кажа дека доколку треба да се прават други реформи, Собранието е тоа кое може да го смени Уставот.
Распуштање и законска реформа на Судскиот совет е дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ од предизборната кампања. Партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој вчера го поднесе предлогот за состав на новата влада, во досегашните негови јавни настапи реформата на ова судско тело ја посочуваше како еден од приоритетите на идната власт.
Двајцата нови членови на Судскиот совет, Лимани и Камбовски, беа избрани при непосредно гласање на 6 јуни. Лимани како судија од Врховен, доби седум гласа од неговите колеги од овој суд. За Камбовски, пак, гласаа 28 судии од судовите кои потпаѓаат под битолското апелационо подрачје.
Согласно Законот за Судски совет членовите на Советот од редот на судиите имаат мандат од шест години, со право на уште еден избор по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат.