НАТО е загрижен за поддршката што Русија би можела да ја даде на севернокорејската ракетна и нуклеарна програма, изјави шефот на НАТО, по повод посета на Владимир Путин на Северна Кореја, која е прва во последните 24 години.
За време на неговата посета и разговорите со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Путин вети дека ќе ги продлабочи трговските и безбедносните врски и ќе ја поддржи Северна Кореја против САД, близок сојузник на нејзиниот ривал Јужна Кореја.
САД, пак, ја обвинија Северна Кореја дека и доставила на Русија „десетици балистички ракети и преку 11.000 парчиња муниција“ со цел да ги употреби во Украина.
Видете и ова: Путин во Северна Кореја за зацврстување на соработката меѓу двете земјиГенералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на брифинг со новинарите по разговорите со американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека руската војна во Украина ја поддржуваат Кина, Северна Кореја и Иран, кои посакуваат НАТО да пропадне.
„Исто така, загрижени сме за можната поддршка што Русија би можела да и ја даде на Северна Кореја, кога станува збор за поддршката на нивната ракетна и нуклеарна програма“, рече Столтенберг.
Тој рече дека ова, заедно со поддршката на Кина за воената економија на Русија, покажува дека безбедносните прашања во Европа се поврзани со Азија и додаде дека Самитот на НАТО, кој ќе се одржи следниот месец во Вашингтон, ќе ги зајакне врските на Алијансата со Австралија и Нов Зеланд, како и со Јужна Кореја и Јапонија.
Столтенберг рече дека Кина во одреден момент треба да се соочи со „последици“.
Видете и ова: Пред самитот со Ким во Северна Кореја, Путин ветува дека заедно ќе ги поразат санкциите„Тие не можат да продолжат да имаат нормални трговски односи со земјите во Европа додека истовремено ја поддржуваат најголемата војна во Европа од Втората светска војна“, рече тој.
Шефот на НАТО посочи и дека сè уште не е можно да се знаат какви се последиците, но дека тоа е „прашање што треба да се реши бидејќи не може да продолжи вака“.
На истиот брифингот зборуваше и Блинкен кој рече дека патувањето на Путин во Пјонгјанг е показател оти тој „очајно“ сака да ги зајакне односите со земјите кои можат да ја поддржат неговата војна во Украина.
Американскиот дипломат додаде дека поддршката на Кина и овозможила на Русија да ја задржи својата одбранбена индустриска база на тој што начин што и обезбедува на Москва 70 отсто од увезениот машински алат и 90 отсто од микроелектрониката.