Врховниот суд на руската Република Татарстан ја одби жалбата на новинарката на Радио Слободна Европа(РСЕ), Алсу Курмашева, против одлуката да ѝ се продолжи притворот.
Курмашева, новинарка од Прага за РСЕ, која има двојно американско и руско државјанство, е во руски притвор од 18 октомври 2023 година, под обвинение за кршење на таканаречениот закон за „странски агенти“ и ширење лажни информации за руската војска. Ваквите обвиненија се казнуваат со затвор до десет години.
На 18 јуни, судијата Ризван Јусупов ја потврди минатомесечната одлука на Советскиот окружен суд во Казан за продолжување на нејзиниот притвор најмалку до 5 август.
Курмашева, нејзиниот работодавец и поддржувачите ги негираат обвинувањата.
На последното рочиште на 31 мај, Курмашева рече дека здравствената состојба ѝсе влошила и дека мора да оди на операција. Таа исто така рече дека последен пат ги слушнала гласовите на нејзините две ќерки во октомври 2023 година.
Курмашева, која работеше за татарско-башкирската служба на РСЕ околу 25 години, го напушти чешкиот главен град во средината на мај 2023 година поради семеен итен случај во нејзиниот роден Татарстан.
Таа била накратко приведена додека го чекала повратниот лет на 2 јуни 2023 година на аеродромот во Казан, каде ѝ биле одземени и пасошите и телефонот. По пет месеци чекање за одлука за нејзиниот случај, Курмашева беше казнета со 10.000 рубли (112 долари) затоа што не го регистрирала американскиот пасош кај руските власти.
Не можејќи да ја напушти Русија без нејзините документи, Курмашева беше повторно уапсена во октомври и овојпат обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“. Два месеци подоцна, таа беше обвинета за ширење лаги за руската армија.
На 17 јуни, портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, ги повтори претходните изјави на високи американски функционери, вклучително и на претседателот на САД, Џо Бајден, кој ја повика Русија веднаш да ја ослободи Курмашева.
Сепак, тој не објасни зошто Вашингтон допрва треба да ја означи Курмашева како „незаконски притворена“. Таа ознака ќе го подигне профилот на случајот против Курмашева, означувајќи го како политички мотивиран.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Двајца други американски државјани кои ги држи Русија, новинарот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович и поранешниот американски маринец Пол Вилан, се етикетирани како незаконски приведени.
„Сметаме дека таа треба да биде ослободена“, рече Милер на прашањето за признавањето на Курмашева како „неправедно приведена“.
„Не можам да зборувам за официјална одлука во овој момент. Но, бевме прилично јасни за статусот на нејзиниот случај и што мислиме за тоа“, рече Милер.
Милер изрази загриженост и поради одлуката на Русија да му се суди на Гершкович за наводна шпионажа во затворено судење, нагласувајќи дека претставници на американската амбасада сепак ќе се обидат да присуствуваат на судското рочиште закажано за крајот на овој месец.
Аналитичарите и западните функционери ја обвинуваат Русија за насочен притвор на американски граѓани за потенцијална употреба во размена на затвореници или за други геополитички цели.