Три пати повеќе деца и двојно повеќе жени биле убиени во глобалните конфликти во 2023 година во споредба со 2022 година, додека вкупните цивилни жртви се зголемиле за 72 отсто, предупредија Обединетите нации (ОН).
Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, во обраќањето пред Советот за човекови права на ОН во Женева, рече дека завојуваните страни сè повеќе „ги поместуваат границите на тоа што е прифатливо и што е легално“.
„Тие покажуваат целосен презир кон другите, газејќи ги човековите права во нивната суштина“, рече Турк.
Турк додаде дека убиствата и повредите на цивилите, како и уништувањето на виталната инфраструктура се секојдневна појава.
„Децата се мета. Болници се бомбардираат. Цели заедници се напаѓаат со тешка артилерија. Сето ова е придружено со реторика на омраза и дехуманизирање“, рече високиот комесар на ОН.
Говорејќи за конфликтот во Појасот Газа, Тирк кажа дека е „згрозен од непочитувањето на меѓународните човекови права и на хуманитарното право“.
Тој рече дека од избувнувањето на војната меѓу Хамас, кој е прогласен за терористичка организација во САД и ЕУ, и Израел, повеќе од 120.000 луѓе во Газа, главно жени и деца, се убиени или повредени како резултат на интензивни израелски офанзиви.
Тирк укажа и на голем број други конфликти, вклучувајќи ги и оние во Украина, Демократска Република Конго и Сирија. Тој предупреди дека во Судан, кој е зафатен со граѓанска војна повеќе од една година, земјата „ја уништуваат пред нашите очи двете завојувани страни и поврзаните групи кои флагрантно ги отфрлија правата на сопствениот народ“.
Според него, заедно со ваквото уништување, се намалуваат и средствата за помош на се поголемиот број на луѓе кои имаат потреба од помош.
„На крајот на мај 2024 година, јазот помеѓу потребите за хуманитарно финансирање и расположливите ресурси е 40,8 милијарди американски долари“, рече Турк.