Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на независна Македонија

Северна Македонија - Стојан Андов

На 89 годишна возраст почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на самостојна Република Македонија.

Андов е роден е 1935 година во Кавадарци, Република Македонија. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет.

Бил потпретседател на Републичкиот извршен совет, член на македонската делегација во Соборот на републиките и покраините и член на федералната влада во три мандати.

Бил амбасадор на поранешна Југославија во Ирак (1987-1991 година).

Стојан Андов е основач на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше Либералната партија до спојувањето со поранешната Демократска партија во 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираниот политички субјект. По обновувањето на Либералната партија на Македонија, беше избран за член на нејзиниот Извршен комитет.

Беше потпретседател на Либералната интернационала.

Видете и ова: Орден „8 Септември“ за Андов и пратениците од 1990–1994 година

На првите повеќепартиски избори 1990 година, беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година.

На вторите повеќепартиски избори 1994 година, повторно беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и за претседател на Собранието - должност што ја извршуваше до март 1996 година. Потоа, повторно беше пратеник и по изборите во 1998 година.

По атентатот врз претседателот Киро Глигоров на 3 октомври 1995, извесен период ја вршеше функцијата претседател на Република Македонија (5 октомври 1995 - 10 јануари 1996).

Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори 1999 година, но не помина во вториот круг.

На 30 ноември 2000 година Стојан Андов повторно беше избран за претседател на Собранието на Република Македонија, функција што ја извршуваше до октомври 2002 година.