Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски денеска изјави дека конкретни инфомации за новата цена на струјата што треба да важи од 1 јули годинава ќе објават во текот на наредната недела по завршувањето на тендерот на ЕВН хоум за набавка на електрична енергија.
„Досега сме имале многу потешки периоди и никогаш не сме дозволиле да има сериозна промена на цената на струјата и секогаш сме воделе сметка да го сочуваме стандардот на граѓаните и сега ќе се водиме исклучиво од нивните потреби“, рече Бислимовски.
Изјавата на Бислимовски доаѓа откао Владата донесе одлука со која цената на електричната енергија што државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе му ја понуди на универзалниот снабдувач ЕВН по 1 јули ќе биде 60 евра за мегават час, наместо досегашните 57 евра.
Исто така, ЕСМ нема да понуди 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата кои се на регулираниот пазар, туку само 85 проценти.
Видете и ова: Бислимовски: Намалениот увоз на струја може да ги намали и сметкитеБислимовски вели дека наредната недела РКЕ ќе ги има на располагање сите потребни параметри и посочи дека за цената ќе влијае и профитната маржа која од 1 јули ќе биде 9,9 наместо досегашните 11,5 проценти.
„Нова цена на струјата се носи сега, а не во декември заради тоа што на стариот универзален снабдувач му истекува лиценцата на 30 јуни. Во текот на следната година не би требало да носиме одлука за цена во јуни, туку само во декември која ќе важи за цела 2026 година“, рече Бислимовски.
Тој додаде дека треба да се почека да заврши тендерот за набавка на електрична енергија на 21 јуни и ЕВН хоум да ги достави пресметките за цената на електричната енергија на контрола во РКЕ за да видат колкава ќе биде цената.
„Правиме напори и анализи да бидеме прва земја во Европа која ќе има три часа евтина тарифа во текот на денот. Нема да ја воведеме од 1 јули, туку некаде во ноември, декември или јануари идната година. Тоа ќе зависи од анализите“, изјави Бислимоски.
„Оваа цена од 60 евра за мегават час на некој начин е изненадување и за мене, бидејќи во услови на криза нудеа пониска, но на некој начин може да ја изменаџираме. Мене ме загрижуваат 15-те проценти кои треба да ги набавува ЕВН хоум на слободниот пазар. На фјучерсите што ги гледаме во текот на денот цената се движи од 90 до 100 евра и е повисоко од тоа што го дава ЕСМ. Како и досега, и сега ќе ги искористиме сите механизми за да не предизвикаме ценовни шокови за граѓаните“, истакна Бислимоски.