Фудбалскиот сојуз на Косово бара строги дисциплински мерки против Србија

Детали од натпреварот Србија - Англија во Гелзенкирхен, Германија на 16.06.2024 година.

Фудбалскиот сојуз на Косово побара реакција од Европската фудбалска федерација (УЕФА) поради, како што велат, истакнување на знамиња, пароли и скандирање на српските навивачи со „политички, шовинистички и расистички пораки против Косово“ на натпреварот меѓу Србија и Англија на Европското фудбалско првенство ЕУРО 2024 година.

„Бесмислено и апсурдно е непреченото истакнување на вакви пораки и апели на голем настан како што е ЕУРО 2024. Ваквите повици ја докажуваат омразата што се сее во јавното мислење во Србија кон соседите“, се наведува во соопштението.

Фудбалскиот сојуз на Косово побара да се преземат строги дисциплински мерки против Фудбалскиот сојуз на Србија.

„Повиците против државата Косово на голем настан како што е ЕУРО 2024 ги мотивираат националистичките групи и ја загрозуваат и онака кревката безбедност на регионот“, се вели во соопштението.

Видете и ова: ЕУРО 2024: Подгответе се за натпревари, политика и ултраси

Локалните медиуми во Косово објавија дека за време на натпреварот меѓу Србија и Англија се слушале извици како „Косово е Србија“, а пред натпреварот било запалено албанско знаме.

Ова е 17-то издание на Европското првенство, а на него учествува и Албанија по вторпат во историјата, по дебито во 2016 година.

Натпреварите ќе се играат на десет стадиони во десет различни градови во Германија од 14 јуни до 14 јули.

Србија не ја признава независноста на Косово и води кампањи за лобирање против таа држава.

Од 2011 година двете земји водат дијалог за нормализирање на односите.

Косово и Србија потпишаа голем број договори во рамките на дијалогот, но не се сите спроведени.