Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го распушти шестчлениот воен кабинет, како очекуван потег по заминувањето на генералот Бени Ганц, соопштија израелските власти на 17 јуни.
Како што пренесува АП, официјални лица кои сакале да останат анонимни, бидејќи не биле овластени да зборуваат за медиумите, рекле дека Нетанјаху во иднина ќе одржува помали форуми посветени на војната во Газа, со некои членови на неговата влада.
Израелскиот премиер се соочи со барања од неговите националистичко-верски коалициски партнери, како и од министерот за финансии Безалел Смотрич и министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, да бидат вклучени во воената влада.
Ова ја зголеми тензијата со меѓународните партнери, вклучително и САД.
Видете и ова: Израел најави дневна пауза во испораката на помош за ГазаВоениот кабинет беше формиран откако Ганц му се приклучи на Нетанјаху во владата на национално единство на почетокот на израелската војна против Хамас - група која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка.
Во него беа вклучени и партнерите на Ганц, Гади Ајзенкот и Арје Дери.
Ганц и Ајзенкот ја напуштија владата минатата недела поради, како што рекоа, неуспехот на Нетанјаху да излезе со стратегија за војната во Газа.
Инаку, израелскиот премиер во понеделникот ги критикуваше плановите кои ги објави израелската војска во неделата. Плановите беа да се одржуваат дневни тактички паузи во борбите покрај еден од главните патишта кон Газа за да се олесни испораката на помош за палестинската енклава.
Армијата најави 11-часовни дневни паузи во областа од преминот Керем Шалом до патот Салах ал-Дин и понатаму на северот.
Видете и ова: УНХЦР:Присилното раселување се искачи на највисоко ниво во светотАрмијата појасни дека нормалните операции ќе продолжат во Рафа, што е главниот фокус на нејзината операција во јужниот дел на Газа.
Министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, кој е на чело на една од националистичките верски партии во владејачката коалиција на Нетанјаху, ја осуди идејата за тактичка пауза, велејќи дека тој што така одлучил е „будала“ и дека треба да ја изгуби својата позиција, пренесува Ројтерс.
Конфликтот меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври 2023 година, откако милитантите на Хамас нападнаа неколку израелски населби, убивајќи околу 1.200 луѓе.
Израел потоа започна офанзива во Газа, во која беа убиени повеќе од 37.000 Палестинци, според Министерството за здравство, кое го води Хамас.