Минатата недела, обвинителите соопштија дека на Еван Гершкович ќе му се суди за шпионажа пред судот во Екатеринбург.
Токму во тој град на Урал, Гершкович, репортер на Волстрит журнал, беше уапсен кон крајот на март 2023 година за време на патување за изврѓување работни задачи.
Руските власти не доставија никакви докази за поддршка на обвиненијата за шпионажа, кои The Wall Street Journal и американската влада жестоко ги отфрлија. Тие велат дека 32 годишниот Гершкович ја вршел својата работа како акредитиран известувач кога бил уапсен.
Стејт департментот на САД во декември соопшти дека Москва ја одбила значајната понуда што ја дала за да обезбеди ослободување на Гершкович и Пол Вилан, уште еден Американец затворен во Русија под обвинение за шпионажа.
Друг државјанин на САД кој моментално го држат руските власти е Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа, која беше уапсена во Казан, главниот град на Руската Република Татарстан, во октомври 2023 година и обвинета за нерегистрирање како „странски агент“ и ширење невистини за руската војска.
Пред апсењето, на Курмашева, на која и се заканува затворска казна до 10 години доколку биде осудена, и беше одземен пасошот по посетата за да се грижи за нејзината мајка. РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата против неа се одмазда за нејзината работа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Многу аналитичари и официјални лица велат дека се чини дека Русија ги таргетира американските граѓани за притвор за потенцијална употреба во размена на затвореници или за други геополитички цели.
Се верува дека Русија бара ослободување на Вадим Красиков, кој беше осуден во Германија во 2021 година за убиството на Зелимхан „Торнике“ Кангошвили, грузиски државјанин од чеченско потекло, кој се борел против руските војници во Чеченија, а подоцна побарал азил во Германија.
Рускиот претседател Владимир Путин, прашан во февруари за ослободување на Гершкович, се чини дека се осврна на Красиков покажувајќи на човек затворен од американски сојузник за „ликвидирање на бандит“ кој наводно убил руски војници за време на сепаратистичките борби во Чеченија.