Mногу земји напорно работеа во последната деценија во зголемувањето на трошоците за одбрана, вели постојаната претставничка на САД во Алијансата, Џулијан Смит во интервју за Македонската информативна агенција (МИА). Според Смит претстојниот самит на НАТО во јули во Вашингтон, ќе биде славење на 75 години работа како трансатлантски партнери преку Атлантикот.
Таа се заблагодари што и Северна Македонија учествува со сретства во буџетот на алијансата.
„Овде сакам навистина да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија. Ова е земја што донесе навистина тешки одлуки за да го достигне прагот од два проценти од БДП за одбраната. Северна Македонија е сега над прагот, над два процента и ги поздравуваме тие напори и сите земји што го направија тоа“, нагласува Смит.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Се очекува следната недела НАТО да објави нов извештај за споделување на товарот, кој ќе покаже дека околу две третини од членките на Алијансата сега трошат над два проценти од БДП за одбрана, што според неа, е важно бидејќи значи дека сојузниците можат да ги исполнат своите обврски.
„На самитот ќе зборуваме и за Украина. Очекуваме (украинскиот) претседател Зеленски лично да ни се приклучи, а Алијансата ќе најави дополнителни форми на помош за Украина, политичка поддршка, односно веќе сте слушнале како зборуваме за мост кон членство. Градиме мост кон членство за Украина. И Северна Македонија има значителен придонес за украинските сили. Овој придонес е од клучно значење и поздравуваме сè што направи Северна Македонија и продолжува да прави за народот во Украина, истакна американската амбасадорка.
Смит нагласува дека САД сметаат оти најголем дел од земјите членки на НАТО прават се што можат за да и помогнат и наоѓаат начини да ја поддржат Украина, некои преку обезбедување хуманитарна и економска помош, други преку безбедносна поддршка, а голем број ги даваат сите три видови на поддршка.
Според неа, сојузниците мора да бидат упорни и да продолжат да изнаоѓаат дополнителни финансиски ресурси или капацитети што може да се испратат во Украина.
Американската амбасадорка потврди дека шефовите на држави или влади на НАТО на средбата во Вашингтон ќе решат и кој ќе биде новиот генерален секретар на НАТО, кој ќе го наследи актуелниот вршител на оваа должност Јенс Столтенберг.
Видете и ова: Путин ги кажа условите за мировни преговори со Украина
„Столтенберг извонредно ѝ служеше на Алијансата во период од 10 години и сега Алијансата е подготвена да го поздрави и да го слави неговиот придонес, но исто така и да посака добредојде на новиот генерален секретар, вели Смит.
Во врска со изјавата на поранешниот американски претседател и претседателски кандидат на претстојните избори во ноември Доналд Трамп дека ако биде избран САД нема да застанат во одбрана на оние членки на НАТО кои не одвојуваат доволно средства за одбрана доколку бидат нападнати, што предизвика бурни реакции во Европа, Смит вели дека не може да ги коментира неговите ставови околу Алијансата, но дека во САД постои голема двопартиска поддршка за НАТО.
„Редовно не посетуваат делегации од Конгресот и од Демократската и од Републиканската партија и она што го гледам при тие посети е посветеноста за одржување на лидерството на САД во Алијансата како и нашето активно учество во самото НАТО. Не знам што ќе се случи понатаму, не можам да го предвидам исходот од изборите во САД, ниту како некој кандидат ќе се однесува во иднина. Она што можам да ви го кажам е дека американската јавност и Конгресот продолжуваат доследно ја да искажуваат силната посветеност кон НАТО“, истакна Смит.
За идеите за зајакнување на заедничката европска одбрана, па дури и за создавање на европска армија, кои се појавија по изјавата на Трамп, Смит вели дека во последните две години ЕУ презеде „голем број интересни и храбри чекори“ за зајакнување на својата внатрешна одбрана и безбедносни политики и САД го поздравуваат сè она што Унијата го прави за Украина и големината на поддршката што доаѓа од тело што нема толку многу искуство во тоа.