НАТО најави дека ќе преземе поголема улога во координирањето на испораката на оружје за Украина, помагајќи и да се одбрани од руските напади.
„Ова не го прави НАТО страна во конфликтот, но ќе ја зајакне нашата поддршка за Украина да го задржи правото на самоодбрана“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред новинарите во Брисел, пренесе Ројтерс.
Во средата, Унгарија се откажа од противењето на пакетот за поддршка на Украина што НАТО планира да биде договорен на самитот во Вашингтон во јуни.
Видете и ова: Бајден и Зеленски потпишаа десетгодишен безбедносен договор на самитот на Г7За време на посетата на Столтенберг на Будимпешта, унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека неговата земја нема да ги блокира одлуките на НАТО за поддршка на Украина, но посочи оти тој нема да биде вклучен во тоа.
Унгарија е во расчекор со другите членки на НАТО поради континуираните блиски врски на Орбан со Русија и неговото одбивање да испрати оружје во Украина.
На 13 јуни, лидерите на земјите од Г7 се согласија за заем од 50 милијарди долари за Украина користејќи ги замрзнатите руски средства запленети од западните земји. Велика Британија и Канада одделно исто така најавија нова финансиска и воена поддршка за Киев.
Претседателот на САД Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, потпишаа десетгодишен билатерален договор на самитот на Г7 во Италија.
Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година. Откако украинските сили го спречија рускиот напредок кон Киев, борбите главно беа преместени на југ и на исток.