Италија уапси осомничен за помагање во бегство на Русин баран од САД

Италијанска полиција (фотоархива)

Италија уапси маж осомничен дека му помагал на Артем Ус, син на руски гувернер, да избега во Русија со цел италијанските власти да не го екстрадираат во САД каде се бара за наводен нелегален извоз на воена технологија.

Осомничениот наводно организирал Артем Ус да ја напушти Италија во март 2023 година, еден ден откако италијанскиот суд одобри тој да биде екстрадиран на американските власти.

Артем Ус е син на гувернерот на сибирскиот регион, Александар Ус, а беше приведен на аеродромот „Малпенса“ во Милано во октомври 2022 година, врз основа на потерница распишана од САД.

Вашингтон ги обвинува Ус дека се вплеткан во нелегални шеми за извоз на американската воена технологија во Русија. Американското Министерство за правда објави дека дел од опремата е „откриена на боиштата во Украина“, пишува Франс прес.

Видете и ова: Како банда од Балканот извлече руски бизнисмен од домашен притвор во Италија

И покрај тоа што носеше електронска алка за следење, Ус исчезна од неговата резиденција во Италија за по неколку дена да објави дека се вратил во Русија.

Во САД тој се соочува со затворска казна до 30 години затвор поради обвиненија за кршење на санкциите и за перење пари. Стејт департментот претходно објави награда од седум милиони долари за оние кои ќе дадат корисни информации за Ус.

Осомничениот маж кој сега е уапсен во Италија, е од руска националност и се товари дека ги следел одлуките на судот во Милано за да подготви план за бегство на Ус.

„Тој е жител на Швајцарија, кој е обвинет дека контактирал со членовите на бандата која потоа го реализираше бегство“, се вели во соопштението на обвинителството во Милано.

Обвинителството соопшти дека 54-годишникот, чие име не е објавено, бил во постојан контакт со семејството на Ус.

Според објавените информации, осомничениот е и „акционер во бројни руски компании во кои се вклучени членови на семејството Ус“.

Медиумите во Италија го идентификуваа како претприемач со име Дмитриј Чиракадзе, кој е коосновач на групата Pravo.ru која обезбедува помош за веб-страниците на руските судови.

Претходно за овој случај беа уапсени петмина мажи кои со автомобил, преку рута низ Балканот, го изведоа бегство на Ус. Италијанското обвинителство на 6 декември минатата година потврди дека меѓу нив е и државјанинот на Босна и Херцеговина, Владимир Јованчиќ.