На Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот Универзитет во Струга нема да се запише ниту еден студент, нема да се студира и нема да се почне со работа се додека не се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми за прв циклус на стручни студии за општа медицинска сестра и студии за здравствена нега, соопштија од Одборот за акредитација на високото образование.
Соопштението следува по информацијата дека Меѓународниот универзитет во Струга кој е во делумна сопственост на Генц Мерко, син на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, ќе добие уште една лиценца за отворање на Факултетот за здравствени науки.
„Првата поднесена студиска програма за здравствена нега (медицинска сестра/медицински техничар) од Факултетот за здравствена нега на Меѓународниот Универзитет во Струга, на седницата на Одборот за акредитација на високото образование на 06.06.2024 година е одбиена бидејќи не ги исполнува законските услови“, се наведува во соопштението од Одборот.
Од таму велат дека Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга нема да запишува студенти, зошто за да почне со работа, треба да ги акредитира поединечно студиските програми за прв циклус на стручни студии за општа медицинска сестра и студиите за здравствена нега.
„Одборот за акредитација на високото образование не ги акредитираше и сите останати Елаборати за студиските програми од други области на факултетите на Меѓународниот Универзитет во Струга поднесени во 2024 година, односно беа одбиени од Одборот за акредитација на високото образование“, соопштија од Одборот.
Видете и ова: Синот на Мерко, Генц кој е на американската црна листа доби лиценца за нов медицински ФакултетВладината одлука за одобрение за основање на Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга е објавена во „Службен весник“ на 15 април годинава во време на предизборна кампања. Потпис на одлуката ставил техничкиот премиер Талат Џафери од ДУИ. Во неа е наведено дека на овој факултет се превидени две студиски програми: Општа медицинска сестра и Студии од здравствена нега, од прв циклус стручни студии (180 ЕКТС).
„Наставата на Факултетот за здравствени науки од член 1 од оваа одлука, е на македонски јазик и неговото кирилско писмо и албански јазик и неговото писмо, согласно Законот за високото образование“, пишува во одлуката објавена во „Службен весник“.
На веб страницата на Меѓународниот универзитет Струга веќе е најавено дека во склоп на Универзитетот има и Факултет за здравствени науки. Покрај овој факултет, студентите на овој Универзитет се запишуваат и на Факултетот за политички науки, за економски науки, правни науки и информатички технологии.
Во јуни минатата година Соединетите Американски Држави го ставија Мерко на „црната листа“ лица на кои им се забранува влез во САД. Санкцијата се однесува и сопругата на Мерко, Шпреса, и неговите три возрасни деца, Генц, Назмије и Дренуша. Потесното семејство на Мерко се смета за „неподобно“за влез во САД.
Против Мерко Обвинителството во Струга и тоа во Скопје за гонење на организиран криминал и корупција во март годинава поднесоа две обвинениј. Првото за несовесно работење во службата, а второто за набавката на службениот автомобил „Ауди А6“. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 29 февруари го поднело обвинението до Кривичниот суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението Мерко се соочува со максимална затворска казна од 5 години.