Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе преговара со Украина ако украинските сили се повлечат од четири региони, за кои тврди дека се руска територија и ако Киев се откаже од влезот во НАТО.
Путин денеска, 14 јуни, зборуваше пред претставници на руското Министерство за надворешни работи, во пресрет на мировната конференција за Украина во Швајцарија на која Русија не беше поканета.
„Штом Киев зпочне со повлекување на војниците од регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје и откако ќе објави дека се откажува од планот за влез во НАТО, веднаш ќе дадеме наредба за прекин на огнот и за почеток на преговорите“, рече Путин, наведувајќи ги условите за мир кои се спротивни на условите поставени од Украина.
Тој рече дека целта на предлогот е конечно решение на конфликтот, нагласувајќи дека Кремљ е „подготвен да ги почне преговорите без одлагање“.
Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател, ги отфрли условите поставени од Путин, нагласувајќи дека „се е целосна измама“, пренесе агенцијата АФП.
„Ослободете се од илузиите и престанете да ги сфаќате сериозно „предлозите на Русија“ кои се навредливи за здравиот разум“, напиша Подољак на социјалните мрежи.
Ставот на Украина е дека мирот може да се заснова само на целосно повлекување на руските сили и обновување на украинскиот територијален интегритет.
Изјавата на Путин доаѓа во моментот на самитот во Италија на лидерите на групата седум развиени земји во светот (Г7) и додека Швајцарија се подготвува да биде домаќин на светските претставници со цел да се обиде да ги претстави првите чекори кон мир во Украина.
Русија почна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Откако украинските сили го спречија рускиот напредок кон Киев, борбите главно беа преместени на југ и на исток.
Покрај анексијата на Крим во 2014 година, Путин во септември 2022 година прогласи анексија на четири региони на источна и јужна Украина, иако тој не контролира целосно ниту еден од нив.