Седум лица се условно осудени за упадот во просториите на М-НАВ на 4 јануари годинава, што се случи по прес-конференција на Струковиот синдикат на контролори на летање кој алармираше за неправилности на оглас за вработувања во оваа институција.
Според пресудата што денеска ја објави Основниот кривичен суд Скопје,овие седум лица се обвинети како соизвршители на кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејство. На шестмина им е изречена условна осуда, казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година и шест месеци по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
За еден обвинет, кој и бил претходно осудуван за дело против општата сигурност, изречена е казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Судот на овој обвинет му одреди и други обврски кои ќе бидат предмет на заштитен надзор.
Видете и ова: Полицајци и приватна фирма за обезбедување со нов тендер го чуваат М-НАВЗа осмиот осомничен опфатен со првичната истрага постапката е запрена, бидејќи тој не учествувал во дејствијата на спречување на службеното лице во вршењето на работите.
„Во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални искази од вработени лица во М-НАВ како сведоци на настанот и од оштетеното службено лице, како и извештаи за безбедноста на авиосообраќајот во критичниот момент од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од меѓународната агенција Еуроконтрол. Овие докази не посочуваат дека во времето на извршување на дејствијата на обвинетите имало опасност и била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај и од тие причини не опстојува кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од Кривичниот законик за што беше поведена истрага“, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Околу Нова година вработени во М-НАВ и еден од директорите најавија откази поради последниот оглас за вработувања во оваа институција. Тие обвинија дека директорите донеле одлуки за вработување на несоодветен кадар кој не ги исполнува законските критериуми и потребни знаења. Тоа беше причина за упадот во Контрола на летање.
Во меѓувреме излегоа и информации дека во компанијата се вработени роднини на сегашни и поранешни министри и политичари, како што тогаш објави емисијата КОД на телевизија Телма.
Случувањата во М-НАВ доведоа и до разрешувања на раководните позиции. Владата по седницата одржана на 9 јануари даде насоки до Надзорниот одбор на институцијата да разреши двајца од тројца директори: Фахрудин Хамиди, кој беше извршен директор, и Љубе Стаменковски, кој беше секторски-технички директор.