Уште седум поранешни пратеници добија апанажа

Северна Македонија - седница на Собранието на Република Северна Македонија, 28.5.2024 година

Поранешните пратеници Арбен Зибери, Вјолца Адеми и Бедри Фазли од ДУИ, Снежана Калеска - Ванчева и Љатифе Шиковска од СДСМ, Енес Ибрахим од Партија за движење на Турците и Бастри Бајрами од „Беса“ ќе добијат апанажа по завршувањето на пратеничката комиија, утврди собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

Комисијата го донесе ова решение на денешната седница, со еден глас „против“.

Беше прифатено и барањето за остварување на отпремнина при заминување во пензија на поранешните пратеници Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов.

Комисијата го усвои и барањето Арбен Исаку, член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македониј, да остварува плата по престанок на функцијата.

Видете и ова: Одобрена апанажа, засега, за 29 пратеници

Покрај овие седум, комисијата претходно им го прифати барањето за апанажа на уште 29 поранешни пратеници. Тие испратиле барање до Собранието за да го искористат своето законско право да добиваат една година плата од државата, иако веќе не извршуваат функција.

Законскиот рок за поднесување на барање за апанажа истекува на 28 јуни, односно 30 дена по верификација на мандатите на новите пратеници.

Според законот, апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието. По завршувањето на пратеничкиот мандат од минатиот собраниски состав такво законско право може да искористат вкупно 57 пратеници.

Пратеничката нето плата во македонското собрание во просек изнесува околу 109 илјади денари, без при тоа да се пресметаат додатоците што ги добиваат за работен стаж, како и за учество во работните групи и собраниските тела.