Бајден и Зеленски потпишаа десетгодишен безбедносен договор на самитот на Г7

Италија - Володимир Зеленски, претседател на Украина и Џо Бајден, претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Италија, 13 јуни 2024 година

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпишаа десетгодишен билатерален договор на самитот на земјите од Групата седум (Г7) во Италија.

„Ова е документ без преседан. Денеска е навистина историски ден“, изјави Зеленски за договорот што го потпиша со Бајден.

Бајден претходно изјави дека гаранциите за Украина ќе бидат исти како оние за Израел, покривајќи ја финансиската и воената помош, како и можноста за заедничко производство на оружје.

Зеленски е убеден дека „најсилниот договор“ ќе зачува човечки животи и дека содржи одредби за „чекори за одржлив мир“ по завршувањето на војната.

Тој рече и дека договорот вклучува борбени авиони Ф-16 и друго оружје што Украина го бара долго време.

„Нашиот безбедносен договор е мост за членството на Украина во НАТО“, рече Зеленски.

Видете и ова: Лидерите на Г7 договорија заем за Украина од замрзнатите руски средства


Бајден рече дека договорот ќе им овозможи на двете земји да ја прошират размената на разузнавачки податоци, да ја продолжат обуката на украинските војници и да инвестираат во индустриската база на Украина за Киев да може самостојно да произведува муниција.

Бајден е убеден дека договорот ќе ја направи Украина „силна, одржлива и издржлива“.

Украина од почетокот на руската инвазија потпиша 15 билатерални безбедносни договори со голем број земји - од Обединетото Кралство, Франција и Германија до Италија.

Претходно, лидерите на Групата седум (Г7) договорија заем од 50 милијарди долари за Украина користејќи замрзнати руски средства како колатерал, додека Британија и Канада, исто така, одделно најавија нова финансиска и воена поддршка за Киев.

Самитот на Г7 започнува еден ден откако Русија уби најмалку девет лица во смртоносниот напад на украинскиот град Кривиј Рих, родниот крај на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинската влада на 13 јуни соопшти дека земјите од Г7 одделно се согласиле да обезбедат повеќе од една милијарда долари за поддршка на енергетскиот сектор на Украина.