Европскиот суд пресуди во корист на РСЕ во случајот против Азербејџан

ЕСЧП (фотоархива)

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 13 јуни едногласно одлучи дека одлуката на владата на Азербејџан да го блокира пристапот до азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) претставува кршење на Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

Азербејџанскиот сервис на РСЕ, познат како Азадлик, беше блокиран во 2017 година по пресуда на судот во Баку, во која се тврди дека на веб-страницата е објавена содржина која „промовира насилство и верски екстремизам“ и, меѓу другото, „повикува на масовни немири“.

Уште четири други медиуми (anaxeber.az, 24Saat.org, az24saat.org и xural.com), се приклучија на случајот на РСЕ покренат против Азербејџан пред Европскиот суд.

Овие четири медиуми беа обвинети за објавување „лажни, погрешни и клеветнички информации“.

РСЕ и другите тужители во нивната тужба наведоа дека одлуката за блокирање на нивните веб-страници е „екстремна“.

Видете и ова: Азербејџан тврди дека сите руски војници го напуштиле Нагорно Карабах

Тие тврдеа дека главната причина поради која биле забранети е нивната критика кон владата и известувањето за корупција.

Потегот за блокирање на азербејџанскиот сервис на РСЕ дојде откако РСЕ објави истражувачки стории за финансиски активности поврзани со членовите на семејството на претседателот Илхам Алиев и неговото потесно опкружување.

Истражувањето РСЕ го спроведе во соработка со Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) со седиште во Сараево.

За пресудата против РСЕ од судот во Баку во 2017 година, РСЕ реагираше дека владата прави „уште еден бесрамен обид“ да го „замолчи нашето известување во Азербејџан“.

Во одлуката од ЕСЧП се наведува дека азербејџанската влада треба да им исплати на секој од тужителите по 6.000 евра за отштета и други трошоци.

Претседателот Алиев ја презеде власта во оваа поранешна советска република кратко пред смртта на неговиот татко кој беше долгогодишен претседател, Хејдар Алиев, во 2003 година.

Тој ги отфрла постојаните критики на негова адреса што се упатуваат од групите за права и западните влади кои велат дека ги затворал критичарите со лажни изговори и ја злоупотребил моќта против неистомислениците.