Присилното раселување се искачи на највисоко ново ниво во светот минатата и оваа година, покажува извештајот на Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР. Вкупната бројка на раселени граѓани достигна 120 милиони до крајот на мај годинава.
Тоа е 12-то последователно годишно зголемување на раселувањето. Причината за високите бројки се новите конфликти како и неуспехот да се изнајде решение за кризите, се вели во извештајот.
Бројката на светската раселена популација е еднаква на дванаесеттата најголема држава во светот, околу големината на Јапонија.
Она што драстично ја зголеми бројката на раселеното население е конфликт во Судан, од каде до крајот на минатата година вкупно 10,8 милиони Суданци беа раселени.
Видете и ова: ОН: Најмалку 670 луѓе загинале при лизгање на земјиште во Папуа Нова ГвинејаВо Демократската Република Конго и Мјанмар, милиони луѓе беа внатрешно раселени минатата година заради брутални борби.
Според проценките во извештајот до крајот на минатата година, до 1,7 милиони лица (75 отсто од популацијата) беше раселена во Појасот Газа како резултат на израелската офанзива, од кои најголемиот број беа палестински бегалци.
Сирија останува најголемата криза на раселување во светот, со 13,8 милиони присилно раселени лица внатре и надор од државата.
„Зад овие страшни и растечки бројки се кријат безброј човечки трагедии. Тоа страдање мора да ја поттикне меѓународната заедница да делува итно за да ги отстрани причините на присилното раселување“, изјави Високиот комесар на ОН за бегалци,Филипо Гранди.
Најголемото зголемување во бројките на раселување доаѓа од луѓето кои бегаат од конфликт, а остануваат во сопствената држава, број кој се искачи на 68,3 милиони лица, се вели во извештајот на Центарот за мониторинг на внатрешното раселување.
Бројот на бегалци и други на кои им е потребна меѓународна заштита се искачи на 43,4 милиони, вклучувајќи ги лицата под мандатите на УНХЦР и УНРВА.
Најголемиот дел од бегалците се згрижени во држави од нивното соседство, а 75 отсто од нив живеат во држави со низок и среден приход кои заедно произведуваат помалку од 20 отсто од светскиот приход.
Извештајот покажа дека низ светот повеќе од 5 милиони внатрешно раселени лица и 1 милион бегалци се вратиле дома во 2023г. Овие бројки покажуваат некој напредок кон подолготрајни решенија,се вели во соопштението на УНХЦР.
„На бегалците – и на заедниците кои се нивни домаќини – потребни им се солидарност и подадена рака. Тие можат и придонесуваат кон општествата каде што се вклучени,“ додаде Гранди.