Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во средата ги поздрави врските на неговата земја со Русија, велејќи дека двете земји се „непобедливи сојузници“, пред можната посета на претседателот Владимир Путин на Пјонгјанг.
Минатата година, во ретко патување во странство, Ким се сретна со Путин на рускиот Далечен Исток.
Сеул и Вашингтон подоцна тврдеа дека Пјонгјанг и доставувал оружје на Москва за употреба во Украина, што ги прекршува санкциите на ОН, во замена за техничка помош за сателитската програма.
Се очекува Путин во наредните денови да оствари возвратна посета на Северна Кореја, откако во мај Кремљ соопшти дека патувањето „се подготвува“.
Јужнокорејската новинска агенција Јонхап објави дека посетата би можела да се случи „уште следната недела“, како дел од турнејата на Путин, за време на која тој би можел да го посети и Виетнам.
Врските меѓу Северна Кореја и Русија „се развија во нераскинлива врска на другари“, напиша Ким во пораката до Путин објавена од севернокорејската новинска агенција КЦНА во средата.
Јонхап соопшти дека сателитски снимки покажале можни знаци за поставена „голема структура“ на плоштадот Ким Ил Сунг во Пјонгјанг.
Ваквата активност претходно беше забележана кога Северна Кореја се подготвуваше за големи настани во главниот град, како што се воени паради или посети на високи странски државници, според Јонхап.
Кога го посети Путин минатата година, Ким рече дека врските на Северот со Москва се „приоритет број еден“.
Видете и ова: Јужнокорејски активисти испратија балони со пропагандни летоци до Северна КорејаАналитичарите предупредија дека зголеменото тестирање и производство на артилерија и крстаречки ракети од страна на Северна Кореја би можело да биде подготовка за испорака во Русија за употреба во Украина.
На Северна Кореја ѝ е забрането со санкциите на Обединетите нации да тестира со балистичка технологија, но Москва го искористи ветото на Советот за безбедност на ОН во март за ефикасно да го прекине мониторингот на ОН, за што Пјонгјанг конкретно и се заблагодари на Русија.
Северна Кореја ги отфрли обвинувањата дека и испорачува оружје на Русија, нарекувајќи го тврдењето „апсурдно“.
Во извештајот на Пентагон минатиот месец се вели дека Русија користи севернокорејски балистички ракети во Украина, цитирајќи анализа на остатоци од проектили пронајдени во Украина.
Експертите велат дека за време на посетата на Путин на Пјонгјанг, Северна Кореја најверојатно ќе понуди пратки со повеќе воен материјал за војната во Украина, во замена за увоз на храна и енергија од Русија.