По три години неуспешни обиди да се избере генерален секретар на Советот за регионална соработка (СРС), функција што како вршител на должност (в.д.) досега ја извршуваше Мејлинда Брегу од Албанија, денеска (12 јуни) во Скопје падна договор.
Кандидат за нејзин наследник е Амер Капетановиќ од Босна и Херцеговина.
Договорот доаѓа на крајот од едногодишното претседавање на Северна Македонија со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
„Денеска во Скопје има бел дим на состанокот на политички директори од 13-те земји учеснички во ПСЈИЕ“, соопшти министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
Видете и ова: Брегу: Околу 70 отсто од младите на ЗБ би се иселилеТој оцени дека ова е победа на „дипломатијата на Северна Македонија“ исто како што било и постигнувањето договор на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје во декември лани за Малта да го презеде претседавањето со оваа организација.
Договорот Амер Капетановиќ да биде генерален секретар на СРС треба да се официјализира утре (13 јуни) кога во Скопје ќе се одржат Состанокот на министрите за надворешни работи и Самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, чии домаќини ќе бидат Османи и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Од Грција, како претставник на утрешниот состанок ќе присуствува министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис. Тоа ќе биде прва посета на висок грчки функционер по низата прозивки меѓу Северна Македонија и Грција околу Преспанскиот договор кои започнаа со некористењето на уставното име од страна на новата претседателка Сиљановска Давкова на нејзината инаугурација во Собранието.
Покрај Северна Македонија и Грција дел од ПСЈИЕ односно СРС се и: Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Молдавија, Романија, Словенија и Турција.
Османи рече дека од земјите-учеснички имало вкупно пет кандидати за следен генерален секретар на СРС, но успеале да ги зближат позициите и да се договорат за Амер Капетановиќ.
Видете и ова: Самит на лидерите на Берлинскиот процес во ТиранаДосегашната работа на Мајлинда Брегу, како што оцени, имала „исклучително позитивен ефект“.
„(Мајлинда Брегу) Го издигна СРС во еден респектабилен и кредибилен Совет кој не само што ги врши функциите како извршно тело на ПСЈИЕ туку стана важно извршно тело и на Берлинскиот процес бидејќи знаете дека СРС е извршно тело и на Берлинскиот процес како важна регионална иницијатива“, рече Османи.
Во пресрет на утрешниот состанок на министрите и самитот на шефовите на држави и влади од овој процес, денеска (12 јуни) попладне во Скопје ќе се одржи и годишниот состанок на Советот за регионална соработка.