Истрага на ОН го обвинува Израел за злосторства против човештвото, Хамас за воени злосторства

Илустрација

Истрагата на Обединетите нации во средата заклучи дека Израел извршил злосторства против човештвото за време на војната во Појасот Газа, вклучително и „истребување“, тврдејќи дека и израелските и палестинските вооружени групи извршиле воени злосторства.

Извештајот на независната истражна комисија е прва длабинска истрага на Обединетите нации за настаните од војната што избувна на 7 октомври кога јужен Израел беше нападнат од палестинската група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Во извештајот се наведува дека Израел извршил воени злосторства, злосторства против човештвото и кршење на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права.

Во извештајот се наведува „широк или систематски напад насочен против цивилното население во Газа“.
„Комисијата утврди дека се извршени злосторства против човештвото за истребување, убиства, родово прогонство насочено кон палестински мажи и момчиња, принудно раселување, тортура и нечовечко и сурово постапување“, се додава во документот.

Израел ги отфрли наодите, обвинувајќи ја комисијата на ОН за „систематска анти-израелска дискриминација“.

Видете и ова: Блинкен: Изјавата на Хамас е „знак на надеж“

Последната војна во Појасот Газа избувна по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври кога загинаа околу 1.200 луѓе, а беа киднапирани околу 250.

Комисијата утврди дека во тој напад членови на воените крила на Хамас и други палестински вооружени групи и палестински цивили извршиле воени злосторства, како и прекршување на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права.

Израелската армија започна разорна офанзива на Појасот Газа во која загинаа повеќе од 37.000 луѓе, главно цивили, објави Министерството за здравство на територијата под контрола на Хамас.

Советот за човекови права на ОН формираше Комисија за истрага во мај 2021 година за да ги истражи наводните прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права во Израел и на палестинските територии.