Во израелски напад убиен висок командант на Хезболах во Либан

Илустрација

Висок командант на Хезболах беше убиен во израелски напад врз јужен Либан во вторникот, соопшти милитантната група поддржана од Иран.

Хезболах рече дека убиениот командант е Сами Абдалах, познат и како Абу Талеб, кој е роден во 1969 година.

Шиитското движење објави дека истрелало десетици ракети врз воена позиција во северен Израел.

Либански воен извор рече дека Абдала е најважниот член на Хезболах убиен од почетокот на војната во Појасот Газа меѓу Израел и палестинската група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Изворот вели дека нападот го погодил градот Хуаја, на 15 километри од границата со Израел и дека таму биле убиени уште три лица.

Хезболах подоцна ја објави смртта на уште еден борец, а извор близок до шиитското муслиманско движење го идентификуваше како Мохамед Хусеин Сабр, познат и како Бејкер.

Хезболах, што е сојузник на Хамас, речиси секојдневно разменува оган со израелските сили од почетокот на војната во Појасот Газа, предизвикана од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври.

Видете и ова: Единствената синагога во Ереван нападната по четврти пат за една година

Размената на оган меѓу Хезболах и израелските сили се интензивираше во последните денови, што предизвика повеќекратни пожари од двете страни на границата.

По нападот во кој загина командант на Хезболах, Израел во средата соопшти дека Хезболах истрелал десетици ракети врз Израел, што дополнително ги зголеми тензиите во осуммесечниот конфликт.

Израел соопшти дека во средата идентификувал околу 90 проектили кои доаѓаат од Либан, од кои голем број биле пресретнати, додека други паднале на неколку локации во северен Израел, предизвикувајќи пожари во многу области.

Во повеќе од осум месеци прекугранично насилство во Либан загинаа најмалку 467 луѓе, вклучувајќи речиси 90 цивили и најмалку 304 борци на Хезболах.

Израелските власти соопштија дека во борбите загинале најмалку 15 израелски војници и 11 цивили.