Хелсиншки комитет: Нема напредок во унапредување на човековите права

Илустрација

Нема напредок во унапредувањето на човековите права во Северна Македонија, е заклучокот на Хелсиншкиот комитет во извештајот за 2023 година.

Во него е констатирано дека не е направен значаен напредок во законскиот и во институционалниот систем за заштитата на човековите права. Во него се анализира изработката на новиот Кривичен законик, по што во септември 2023 година Хелсиншкиот комитет како член на Блупринт групата за реформи во правосудството се повлече од понатамошно учество бидејќи станало беспредметно да се учествува во постапка која суштински го озаконува незаконитото.

„Намалувањето на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција го озакони хроничното неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции“, пишува во извештајот.

Комитетот како позитивни ги оценува измените во Кривичниот законик со кои беа воведени новите кривични дела полово вознемирување и демнење кои се значаен придонес на државата кон усогласувањето со Истанбулската конвенција. Но, од друга страна, и покрај подготовката на предлог-законот за родова еднаквост, поради силниот притисок на антиродовите движења Законот не беше донесен, се вели во извештајот.

Продолжува и загрижувачкиот тренд на ескалација на антиродовите и анти-ЛГБТИ движења особено насочени кон трансродовата заедница.

„Говорот на омраза кон сексуалните и родовите малцинства, се искачи на 298 случаи или 19 % од вкупниот број регистрирани случаи. Омразата изразена во коментарите на социјалните мрежи насочени кон ЛГБТИ заедницата е резултат на предрасудите, лажните вести и антиродовите движења и анти-ЛГБТИ движењата“, пишува во извештајот.

Видете и ова: Како животот да ми беше лага – битката на Мирјана од дома до Стразбур

Во изминатата година Хелсиншкиот комитет спроведе вкупно 10 посети во казнено поправните установи во КПД Идризово, КПД Штип, КПД Прилеп и Затвор Куманово.

Осудените лица немаат соодветен пристап до здравствена заштита, лоши се материјалните услови за живеење, а програмите за ресоцијализација, условите за нивно имплементирање и постпеналната помош сè уште се недоволни и неприменливи.

Комитетот уште ја нотира пресудата против Владата на РСМ и Државната изборна комисија (ДИК) која утврдила дека сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас.

Хелсиншкиот комитет регистрираше 197 потенцијални инциденти на злосторства од омраза од кои 35 се инциденти со јасни пристрасни индикатори. Инциденти што се случуваат врз основа на етничка припадност сѐ уште се најзастапени со 90,86% од вкупниот број регистрирани инциденти.