Зеленски очекува милијарди евра за одбрана и обнова на Украина

Конференцијата за обнова на Украина се одржува денеска и утре во Берлин.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски очекува дека за време на неговото учество на конференцијата во Берлин посветена на обновата на Украина, ќе обезбеди милијардите евра за одбраната и повоената обнова на неговата земја.

Конференцијата во германската престолнина започна денеска (11 јуни) и ќе трае два дена, а целта е собирање средства за обнова на Украина по уништувањето на земјата во војната со Русија, со што ќе се испратат нови сигнали за солидарност со Киев.

„Ќе ја напуштиме конференцијата со договори за милијарди евра за нашата одбрана, за производство на воена опрема и оружје во Украина и за нашата енергија, за обнова и изградба на нов и помодерен енергетски систем“, рече Зеленски на конференцијата на која учествуваат над 2.000 луѓе од политиката, економијата и други области.

Видете и ова: Сиљановска Давкова: Неопходен е нов вид Маршалов план за разрушената Украина

Тој рече дека половина од капацитетот за производство на електрична енергија во земјата е уништен во руските напади врз украинските енергетски капацитети.

Украинскиот претседател ги повика сојузниците на Киев да испорачаат повеќе системи за противвоздушна одбрана, велејќи дека така ќе се запре рускиот напредок и ќе се обезбеди траен мир.

„Најголемата стратешка предност на Русија во однос на Украина е надмоќта на небото. Тоа е терор со проектили и бомби што им помага на руските трупи да напредуваат на теренот“, рече Зеленски.

Дводневната конференција за закрепнување на Украина е продолжение на сличен собир што се одржа во Лондон пред една година.

Конференцијата во Берлин доаѓа пред самитот на групата земји Г7 во Италија на 13 и 14 јуни и глобалниот мировен самит закажан за претстојниот викенд во Швајцарија.

Пред почетокот на настанот во Берлин, германската министерка за развој Свења Шулце изјави дека Украина и за време на војната треба континуирано да обновува куќи, водоводи, болници и електрични мрежи.

„Луѓето сакаат да продолжат да живеат во својата земја, а за тоа им треба струја, вода и покрив над главата“, порача таа.

Шулце посочи дека задачата за обнова на Украина „е преголема за владите сами да се справат со неа“.

„Затоа ги поканивме компаниите, граѓанското општество и општините на конференцијата“, додаде германската министерка.

Украина, меѓу другото, моментално се соочува со континуирани руски напади врз електричната мрежа, поради што се воведени прекини на снабдувањето со струја низ целата земја.

Видете и ова: Германија домаќин на конференција за обнова на Украина

Минатата година во Лондон, сојузниците на Украина ветија неколку милијарди долари невоена помош за реконструкција на инфраструктурата во земјата, за борбата против корупцијата и за помош на патот на Киев кон членство во ЕУ.

Европските реформи се во фокусот и оваа година.

„Правиме се за Украина наскоро да седне на масата на ЕУ, бидејќи покрај нашата воена поддршка тоа е најдобрата заштита што може да постои“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.

Само еден ден пред конференцијата во Берлин, шефот на Украинската агенција за обнова и развој на инфраструктурата, Мустафа Најем, поднесе оставка поради, како што рече, системските пречки што го спречуваат ефикасно да ги извршува своите должности.

Тој ја обвини украинската влада дека на неговата агенција и приредува „кошмари“ со бирократијата, како и дека премиерот му забранил да патува во Берлин за да присуствува на конференција за обнова.

Украина нема министер посветен на обновата откако Олександр Кубраков беше разрешен во мај годинава.