Брод со мигранти потона кај Јемен, најмалку 49 мртви

Брод со мигранти во Средоземното море (фотоаргхива)

Најмалку 49 лица загинаа, а 140 се водат како исчезнати откако брод со мигранти потона во близина на брегот на Јемен, соопшти во вторникот Меѓународната организација за миграција на Обединетите нации (ИОМ).

Бродот превезувал околу 260 Сомалијци и Етиопјани кои тргнале од северниот брег на Сомалија на пат од 320 километри преку Аденскиот Залив и потонале во близина на јужниот брег на Јемен, се вели во соопштението.

Во него се наведува дека потрагата продолжува и оти досега се спасени 71 лице.

„Меѓу загинатите има 31 жена и шест деца“, соопшти ИОМ.

Видете и ова: Ватикан до гласачите во ЕУ:Не ги дехуманизирајте мигрантите

Јемен е главната рута за мигрантите од Источна Африка и сомалискиот полуостров за оние кои се обидуваат да стигнат до земјите од Заливот.

И покрај речиси децениската граѓанска војна во Јемен, бројот на мигранти кои пристигнуваат годишно се зголемил тројно од 2021 до 2023 година – од 27.000 на повеќе од 90.000, соопшти ИОМ во мај.

Агенцијата на ОН наведува дека во моментов во Јемен има околу 380.000 мигранти.

Шверцерите ги носат мигрантите во Јенен често пати со опасни, преполни бродови преку Црвеното Море или Аденскиот Залив.

Во април, најмалку 62 лица загинаа во два бродоломи во близина на брегот на Џибути додека се обидуваа да стигнат до Јемен.

ИОМ соопшти дека најмалку 1.860 луѓе загинале или исчезнале на рутата, вклучително и 480 лица кои се удавиле.