Сиљановска Давкова: Неопходен е нов вид Маршалов план за разрушената Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова и германскиот канцелар Олаф Шолц на Конференција за обнова на Украина по војната, 11 јуни 2024 г.

По Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина, порачала претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќање на Конференцијата за обнова на Украина, соопштија од нејзиниот кабинет.

Настанот се одржува денеска и утре (11 и 12 јуни) во Берлин.

Маршаловиот план, кој таа го споменува, е планот на САД за обнова на повоена Европа, кој бил подготвен од Џорџ Маршал по Втората светска војна.

„Според претседателката, неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура“, соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова по нејзиното обраќање на главниот панел за шефови на држави и влади на конференцијата во Берлин.

Видете и ова: Германија домаќин на конференција за обнова на Украина

Претходно, претседателката на Северна Македонија присуствуваше и на отворањето на настанот, на кое свои обраќања имаа германскиот канцелар Олаф Шолц, украинскиот претседател Володимир Зеленски, и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен.

На конференцијата чиј домаќин е Германија, како што беше најавено, присуствуваат околу 2.000 гости од политиката, бизнисот и други области.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на настанот порача дека главен приоритет, додека Украина се соочува со руски воздушни напади, ќе бидат итни решенија за обнова не енергетскиот сектор на земјата.

Оваа конференција за обнова во Берлин се одржува пред состанокот на земјите од Г7 во Италија закажан за 13-14 јуни, каде Украина ќе биде една од главните теми. Се очекува државите од Г7 да дискутираат за искористување на профитот од замрзнатиот руски имот во западнати земји со цел финансиска помош на Киев.

По овој состанок следува уште еден – мировен самит во Швајцарија закажан за претстојниот викенд, а на кои ќе има учесници од повеќе од 90 земји. Русија не беше поканета, а Кина нема да присуствува.