Германија домаќин на конференција за обнова на Украина

На настанот беа најавени околу 2.000 учесници

Во Германија денеска (11 јуни) започна дводневна конференција за плановите за обнова и закрепнување на Украина откако ќе заврши војната предизвикана од руската инвазија која остави големи делови од земјата во урнатини.

Во Берлин престојува и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој во пресрет на настанот рече дека ќе разговара со германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Канцеларот Шолц и јас ќе разговараме за натамошната одбранбена помош, проширувањето на системот за воздушна одбрана на Украина и заедничкото производство на оружје“, напиша Зеленски на мрежата Икс.

Видете и ова: Ограничен ефект од одобрението на САД за Укринците да дејствуваат на руска територија

Настанот, како што беше најавено, ќе собере околу 2.000 гости од политиката, бизнисот и други области.

Меѓу присутните е и претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

„Клучна цел на настанот, кој на едно место обединува шефови на држави и влади, претставници на меѓународни организации, на бизнис и граѓанскиот сектор, е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина“, порача Сиљановска Давкова од Берлин преку објава на Фејсбук.

Зеленски порача дека главен приоритет, додека Украина се соочува со руски воздушни напади, ќе бидат итни решенија за обнова не енергетскиот сектор на земјата.

Постојаните руски напади врз украинската електроенергетска мрежа го принудија Киев да воведува и прекини на струја низ целата земја.

„Дури и за време на сегашните времиња на војна, Украина треба постојано да ги обновува куќите, водоводите, болниците и електричните мрежи“, вели германската министерка за развој Свења Шулце.

Луѓето, вели таа, сакаат да продолжат да живеат во својата земја, а за тоа им треба струја, вода и покрив над главата.

По САД, Германија е втор најголем снабдувач на воена опрема за Киев.

Оваа конференција за обнова во Берлин се одржува пред состанокот на земјите од Г7 во Италија закажан за 13-14 јуни, каде Украина ќе биде една од главните теми. Се очекува државите од Г7 да дискутираат за искористување на профитот од замрзнатиот руски имот во западнати земји со цел финансиска помош на Киев.

По овој состанок следува уште еден – мировен самит во Швајцарија закажан за претстојниот викенд, а на кои ќе има учесници од повеќе од 90 земји. Русија не беше поканета, а Кина нема да присуствува.

Видете и ова: Се урна руски воен авион, двајца загинати

Во меѓувреме, руските сили продолжија со нападите врз украински цели, при што украинските власти соопштија дека најмалку пет лица се повредени во експлозиите во градот Константинивка во источниот украински регион Донецк.

Канцеларијата на регионалниот обвинител на 11 јуни на Фејсбук соопшти дека жртвите се здобиле со повреди „како резултат на скршено стакло и силен бран на експлозија“.

Најмалку 13 станбени згради беа оштетени од нападот што се случи доцна вечерта на 10 јуни, се додава во соопштението.