Милитантната група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, објави дека еден од нејзините команданти е убиен на окупираниот Западен Брег во судир со израелските сили.
Паралелно, Израел соопшти дека четворица негови војници загинале во експлозија во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.
Во објава во понеделникот (10 јуни) вечерта, Хамас наведе дека командантот Мохамед Џабер Абдо бил убиен заедно со тројца борци во село во близина на Рамале, каде што се наоѓа палестинската управа поддржана од Западот.
За убиените израелски војници, пак, во соопштението од војска не се наведени околностите во кои тие загинале.
Видете и ова: Советот за безбедност на ОН ја подржа резолуцијата за примирје во ГазаМеѓутоа, израелските медиуми, повикувајќи се на неименувани безбедносни извори, објавија дека четворица војници загинале откако бил активиран експлозив во зграда што довело до нејзино уривање. Има и 11 ранети војници.
За случајот, Хамас објави дека поставил мина во зградата, а по експлозијата, ги нападнале војниците и со минофрлачи.
Со овие четири смртни случаи, бројот на загинати израелски војници од почетокот на копнената офанзива во Газа (27 октомври) се зголеми на 298.
Војната во Газа започна по нападот што Хамас го изврши во јужен Израел на 7 октомври кога, според информациите на израелските власти, беа убиени околу 1.200 луѓе, а околу 250 лица беа земени како заложници.
Во последователната израелска офанзива во Газа, пак, според податоците на Министерството за здравство контролирано од Хамас, досега се убиени најмалку 36.700 лица.