Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ги прифати пријавите дека министерот за здравство, Илир Демири, неосновано ги разрешил медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски и директорот на Клиниката за кардиохирургија, Марјан Шокаровски.
ДКСК утврдила дека со двете одлуки на министерот е повреден Изборниот законик со оглед на тоа што во двата случаи директорите биле разрешени со решенија донесени (од 14 мај и 27 мај), пред усвојувањето на заклучокот за завршување на изборите за пратеници во Собранието на 30 мај 2024 година.
Комисијата соопшти дека до надлежните органи ќе покрене иницијатива за одговорност на министерот за здравство.
За двете разрешувања не биле почитувани процедурите за разрешување од функцијата односно требало да има предлози за разрешување од управните одбори до здравствените совети на овие установи, утврди ДКСК.
Оформениот предмет по пријавата за Токсикологија го образложи Цвета Ристовска, член на ДКСК, која посочи дека причина за разрешување на медицинскиот директор била „несовесно постапување“ и заради непродолжување на договорите на дело за 18 лица на Клиниката.
Притоа посочи дека иако на 30 април била изречена забрана на оваа ЈЗУ за пристап на лица без договори за вработување, единаесет здравствени работници продолжиле да се евидентираат во електронски систем без склучени договори.
На 23 мај при вонреден инспекциски надзор било утврдено дека се склучени договори на дело со 11 лица кои биле потпишани само од организацискиот директор, иако според Законот за здравствена заштита должноста ја извршуваат и медицинскиот и организацискиот директор.
Договорите за дело со 11 лица, како што посочи Ристовска, се склучени спротивно на член 109 став 2 од Законот за здравствена заштита, каде е наведено дека актите и финансиските документи се во заедничка надлежност на двајцата директори и тие заедно ги потпишуваат.
Антикорупциска комисија констатира дека и постапката за разрешување на Шокаровски не била спроведена согласно Законот за здравствена заштита бидејќи со здравствената установа управува Управен одбор кој доколку утврди некоја од основи за разрешување, за тоа го известува Здравствениот совет кој врз основа на тоа ја донесува иницијативата за разрешување на именуваниот пред истекот на неговиот мандат.