Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија (ЕК), најави дека ќе се сврти кон социјалдемократите и либералите во Брисел, со кои соработуваше во минатото, за да формира мнозинство по изборите за Европскиот парламент(ЕП).
На 10 јуни во Берлин, на конференцијата на конзервативната германска партија ЦДУ, таа рече дека за време на изборната кампања напорно работела за да изгради широко и ефективно мнозинство во корист на силна Европа.
„Затоа сега ќе им пристапиме на големите политички семејства кои исто така добро соработуваа со нас во последниот мандат“, рече Фон дер Лајен, пренесе Ројтерс.
На прашањето дали би размислила да им пристапи на партиите од десната страна на политичкиот спектар, на пример во Италија, фон дер Лајен рече дека првичниот фокус бил на пошироките политички групи, а не на националните.
Традиционалните партии на десниот и левиот центар ги надминаа сите предизборни предвидувања и постигнаа стабилни резултати на европските избори, кои во периодот од 6 до 9 јуни се одржаа во 27 земји-членки на Европската унија.
На европските избори гласаа околу 51 отсто од граѓаните, што е нешто повеќе од претходниот циклус кога гласале 50,66 отсто.
Видете и ова: Успех на екстремната десница на европските избори
Првата седница на новиот состав на Европскиот парламент ќе се одржи на 16 јули.
Во меѓувреме, лидерите на земјите-членки на ЕУ ќе разговараат за назначувањето на шефови на европските институции: Европската комисија, Европскиот совет и на европската дипломатија.
Додека Фон дер Лајен се надева дека ќе биде реизбрана, веќе е извесно дека ќе бидат сменети претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Лидерите на институциите на ЕУ се секогаш претставници на оние политички партии кои добиле најмногу гласови на изборите.
720-те места во Европскиот парламент ќе ги пополнат пратеници од сите земји-членки на ЕУ. Која земја колку пратеници има зависи од големината на населението. Според тоа, Германија ќе испрати најмногу пратеници во Брисел/Стразбур – 96 европратеници, додека Кипар, Луксембург и Малта ќе имаат само по шест пратеници.
Европратениците се единствените претставници во институциите на ЕУ кои директно ги бираат граѓаните.