Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ги посети Египет и Израел на 10 јуни со надеж дека ќе го постигне прекинот на огнот што во мај го предложи Џо Бајден, претседател на Соединетите Американски Држави(САД).
На 31 мај Бајден го повика Хамас, организација означена како терористичка од САД и од ЕУ, да се согласи со новата понуда на Израел за ослободување на заложниците во замена за прекин на огнот во Газа, велејќи дека тоа е најдобриот начин да се започне смртоносниот конфликт.
Како што пренесе Ројтерс, во пресрет на пристигнувањето на Блинкен, двете страни сè уште држат цврсти позиции поради кои пропаднаа сите претходни обиди за прекин на борбите, а Израел продолжи со нападите во централниот и јужниот дел на Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека земјата е посветена на целосна победа.
„Која е главната точка на спорот? Барањето на Хамас е да се посветиме на запирање на војната без да ги постигнеме нашите цели за елиминација на Хамас. Не сум подготвен да го сторам тоа. Тоа е јасно“, рече Нетанјаху.
Хамас, од друга страна, порача дека Вашингтон мора да изврши притисок врз својот сојузник Израел да ги прекине борбите.
„Ја повикуваме американската администрација да изврши притисок врз окупацијата за да се запре војната во Газа, а движењето Хамас е подготвено позитивно да одговори на секоја иницијатива што обезбедува крај на војната“, изјави Сами Абу Зухри, висок функционер на Хамас, за Ројтерс.
Војната влезе во деветтиот месец откако милитантите на Хамас убија 1.200 луѓе и земаа околу 250 заложници, од кои околу 120 се уште се во заробеништво, додека 43 се прогласени за мртви.
Како одговор, Израел започна напад врз Појасот Газа во кој загинаа повеќе од 37.000 Палестинци, според тамошното Министерство за здравство кое е под контрола на Хамас.
По неколкумесечни неуспешни мировни напори, Бајден избра нов пристап кон конфликтот и на 31 мај објави предлог за прекин на огнот, опишувајќи го како понуда што Израел веќе ја прифатил. Американски официјални лица велат дека американскиот претседател намерно го открил планот без претходно да ги праша Израелците, со цел да го зголеми притисокот за договор.
Деталите за предлогот не се објавени, но понудата опишана од американски официјални лица е слична на текстовите објавени од јануари во претходните неуспешни мировни напори: примирје во неколку фази, со постепено ослободување на израелските заложници, што на крајот би довело до крај на војната. Она што е различно овој пат е што израелските сили сега го нападнаа поголемиот дел од Појасот Газа барем еднаш, а Нетанјаху е под поголем внатрешен политички притисок да постигне договор.