Не може да има стабилност меѓу Косово и Србија додека „Москва не ги повлече своите империјалистички амбиции од регионот“, вели пензионираниот американски генерал Весли Кларк во интервју за Радио Слободна Европа(РСЕ).
Кларк ја водеше воздушната кампања на НАТО против српските воени цели во 1999 година. Сега, 25 години по завршувањето на таа акција, Кларк вели дека „Србија е како магнет што ги привлекува руските империјалистички амбиции во Европа“.
„Србија мора да разбере дека нејзината иднина е на Запад. Кога Србите ќе го разберат тоа, нема да има проблем со Косово“, вели Кларк во интервјуто за РСЕ.
На прашањето зошто Русија продолжува да интервенира во регионот, Кларк вели дека Русија има империјалистички амбиции и дека тоа го знаат сите во Источна Европа.
„Москва ги гледа сите не-Руси како инфериорни суштества. Србија е магнет кој ги привлекува руските империјалистички амбиции во Европа. Денес служи како инфективен агенс во регионот - во Северна Македонија, Црна Гора и на други места“, рече Кларк.
Според него, „додека Москва не ги повлече своите империјалистички амбиции од регионот, нема да имате стабилност и шанса луѓето да се помират и да одат напред“.