Државната изборна комисија (ДИК), за спроведување на последните претседателски и парламентарни избори, склучила 22 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 213.625.656 денари односно 3.473.588 милиони евра, заклучно со 20 мај 2024 година. Тендерите на ДИК за заедничките претседателски и парламентарни избори годинава чинеле 767 илјади евра повеќе отколку збирот на тендерите за овие избори кога се спровеле поединечно во 2019 и 2020 година, покажа истражувањето за изборите и за јавни набавки што го објави Центарот за граѓански комуникации(ЦГК).
Од Центарот соопштија дека гласањето на дијаспората чинело повеќе отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи. Вредносно најголем склучен договор за изборите 2024 година е за „транспорт и сместување на членови на изборните органи (ИО) во дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) за избори“, во вредност од 50 милиони денари (813 илјади евра).
Договорот опфаќа транспорт и сместување на по најмногу 8 лица на 31 дестинација во светот.
Видете и ова: Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?„Дури 41 процент од договорите за јавни набавки поврзани со изборите, ДИК ги склучила во постапка со директно преговарање, без оглас. Во групата фирми кои традиционално ги добиваат тендерите на ДИК се издвојуваат три фирми. Во годините кога има парламентарни избори, вредноста на јавните набавки во земјата достигнува рекордно ниво. За годинашните избори – се антиципирало во ланските набавки“, соопштија од Центарот за граѓански комуникации.
Во Северна Македонија на 8 мај се одржаа двојни избори - парламентарни и втор круг претсдателски избори. Шеф на државата со непосредно гласање се избираше по седми пат, додека парламентарните избори беа 11 по ред 1990 година.