Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва (9 јуни) изјави дека го распушта парламентот и распишува предвремени избори во земјата, откако неговата партија претрпе тежок пораз на изборите за Европскиот парламент.
„На Франција и треба јасно мнозинство за да дејствува мирно и хармонично“, рече Макрон во обраќањето до нацијата од Елисејската палата, нагласувајќи дека изборите ќе се одржат во два круга – на 30 јуни и на 7 јули.
Првите проекции на резултатите од гласањето за Европскиот парламент покажуваат дека екстремно десничарската партија Национално обединување на Марин Ле Пен освоила најмногу гласови во Франција – 31,5 отсто од гласовите.
Видете и ова: Успех на екстремната десница на европските избориНа второ место е коалицијата предводена од Макрон, со 15,2 отсто од гласовите, а на трето е Социјалистичката партија со 14 отсто. Левичарската партија „Непокорена Франција“ доби 8,7 отсто, а републиканците 7,2 отсто, според излезните анкети.
Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен ја поздрави одлуката на Макрон, велејќи дека нејзината партија е подготвена да ја преземе власта.
„Подготвени сме да ја преземеме власта доколку Французите ни ја дадат својата доверба на претстојните национални избори. Подготвени сме да ја запреме масовната миграција, да и дадеме приоритет на куповната моќ и да направиме Франција повторно да живее“, рече таа.
Во Европската унија (ЕУ) вечерва (9 јуни) заврши гласачкиот циклус на европските избори, кои започнаа пред три дена. На целата територија на ЕУ право на глас имаа околу 370 милиони граѓани.
Првите прелиминарни резултати од европските избори потврдуваат дека традиционалните партии од десницата и левицата од центарот, односно Европската народна партија и Социјалдемократите го задржаа првото и второто место.
Десничарските политички партии постигнаа значајни резултати, а тие се особено забележливи во земји како Германија, Франција, Италија и Холандија.
Европските либерали успеаја да се задржат на третото место, иако оваа позиција беше многу неизвесна поради подемот на екстремната десница.