Партијата од десниот центар, ГЕРБ, предводена од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, победи на парламентарните избори во Бугарија што се одржаа денеска (9 јуни).
Блиску со резултатите во борбата за второто место се реформистичката коалиција „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) и Движењето за права и слободи (ДПС).
Дека ГЕРБ е победичката партија, покажуваат првичните резултати од паралелното пребројување на 65 отсто од гласовите од страна на „Галуп интернешнл“, како и излезните анкети на „Маркет линкс“ и податоците на „Алфа Рисрч“.
Во распределбата на второто, третото и четвртото место, пак, агенциите предвидуваат различни резултати. На второ место според „Галуп интернешнал“ и „Алфа Рисрч“ е ПП-ДБ, (ПП-ДБ), но според „Маркет Линкс“ втора политичка сила во новиот парламентарен состав ќе биде ДПС.
Видете и ова: Успех на екстремната десница на европските избориРазлика има во прогнозите дали во парламентот ќе влезе седма партија – Величие, која се поврзува со основачот на туристичкиот локалитет „Историски парк“, Ивелин Михаилов.
Изборите се одржаа заедно со оние за Европскиот парламент (ЕП). И на нив ГЕРБ го освои првото место.
Според паралелното пребројување на 65 отсто од гласачките ливчиња, што го направи „Галуп интернешнл“ и го објави БНТ, резултатите изгледаат вака:
- ГЕРБ – 24,5%
- ДПС – 15,8%
- ПП-ДБ – 15%
- „Преродба“ – 14,3%
- Бугарската социјалистичка партија (БСП) – 7,8%
- „Има таков народ“ – 5,9%
- „Величие“ – 4,4%
Според „Маркет линкс“, пак, проекциите се:
- ГЕРБ – 28,4%
- ДПС – 15,6%
- ПП-ДБ – 15,4%
- „Преродба“ – 13%
- БСП – 8%
- „Има таков народ“ – 6,7%.
Проекциите од „Алфа Рисрч“ за бТВ изгледаат вака:
- ГЕРБ – 26,2%
- ПП-ДБ – 15,7%
- „Преродба“ – 14,5%
- ДПС – 14,3%
- БСП – 9,1%
- „Има таков народ“ – 5,8%.
Ова се прелиминарните резултати од излезните анкети на агенциите.
Гласачките ливчиња ќе ги пребројува Централната изборна комисија (ЦИК) и конечните резултати се очекуваат најрано во понеделник.
Предвремените парламентарни избори се шести во последните три години.
Борисов скептичен за формирање нова влада
Бугарите денеска (9 јуни) гласаа на шестите по ред парламентарни избори во последните три години, но аналитичарите сметаат оти е малку веројатно дека од и по овие избори ќе може да се формира стабилна влада која ќе стави крај на долгата политичка нестабилност и ќе се деблокираат економските реформи.
Видете и ова: Бугарија гласа на шести парламентарни избори во последните три годиниПоранешниот бугарски премиер Борисов претходно денеска (9 јуни) изјави дека се сомнева оти некоја партија или коалиција ќе може да формира нова влада.
„Не гледам како може да се формира влада по овие избори“, рече Борисов откако гласаше на изборите.
Тој додаде дека не изгледа веројатно неговата партија, ГЕРБ, да го стори тоа со кој било потенцијален партнер, како ни опозицијата со своите сојузници.
„Или сме само ние или некој, така што нема математика во овој случај“, рече Борисов, кој одби да каже кого ГЕРБ потенцијално ќе предложи за премиер.
Борисов водеше три влади во Бугарија во изминатата деценија, но неговата поддршка опадна поради обвинувањата за корупција, врските со олигарсите и нападите врз слободата на медиумите.
Бугарија, која е најсиромашната членка на Европската унија и е една од нејзините најкорумпирани држави, се соочи со честите промени на власта по масовните антикорупциски протести во 2020 година. Оттогаш, беа одржани пет изборни циклуси кои резултираа со несигурни коалиции кои брзо се распаднаа.
И истражувањата на јавното мислење во пресрет на изборите покажаа дека и на овие, шести по ред, ниту една политичка партија нема да добие мнозинство во парламентот.
На Бугарија и треба стабилна и функционална влада за да може го забрза финансирањето од ЕУ, да ја внесе земјата во еврозоната и целосно да се приклучи во Шенген зоната.
Видете и ова: Работа во мрежата за ширење дезинформации во БугаријаПлановите за приклучување кон еврозоната досега веќе двапати беа одложени поради инфлацијата, а новиот датум за пристапување е 25 јануари 2025 година. Неуспехот да се формира стабилна влада по денешните избори, пак, ќе го зголеми ризикот од дополнителни одложувања.
Бугарија досега има добиено само 1,4 милијарди евра од вкупно 5,7 милијарди евра достапни во форма на грантови од Инструментот за опоравување и отпорност на ЕУ.
До денешните избори дојде поради колапсот на владејачката коалиција во март, која се состоеше од ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов и реформистичката партија Продолжуваме со промените (ПП) предводена од уште еден поранешен премиер, Кирил Петков.
Бугарите денеска паралелно гласаат и за свои претставници во Европскиот парламент, но заморот од изборите може да биде проблем. Во анкета на Галуп, само 40 отсто од испитаниците се изјаснија дека планираат да гласаат.