Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска (9 јуни) го потпиша законот со кој се прават измени во организацијата на министерствата и се зголемува нивниот број од 16 на 20.
Шефицата на државата потсетува дека ова е системски закон што се носи со двотретинско мнозинство и таа е должна да го потпише. Но, и таа како и новото владејачко мнозинство, гледа позитивно на измените.
„Законот е реформски и со него прво, ќе се анулира паралелизмот на надлежностите на многу министерства, со што ќе се обезбеди функционалност и одговорност. Второ, ќе се (дис)лоцираат надлежностите во соодветните министерства, со што ќе се рационализира и ефектуира нивната работа“, вели Сиљановска Давкова во објава на Фејсбук.
Понатаму, според неа, измените ќе овозможат да се „институционализираат нашите стратешки приоритети преку формирање соодветни министерства“, како што се Министерство за европски прашања и Министерство за дигитална трансформација.
Со новото Министерство за спорт, претседателката смета и дека ќе се подигне нивото на општествената грижа за физичкото и менталното здравје на нацијата.
Целосното име на законот на кој беа направени измените е Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Нив, на 5 јуни ги поднесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кому Сиљановска Давкова ден подоцна го додели мандатот за формирање на новата влада на Северна Македонија.
Измените експресно беа донесени на седница во Собранието која започна во петок (7 јуни). Парламентот продолжи да работи и по полноќ и пратениците гласаа околу 2:30 часот по полноќ.
Имаше 88 гласа „за“ и 22 „против“.
Видете и ова: Со поддршка од ДУИ, по полноќ изгласана реорганизација на министерстватаПоддршка, покрај пратениците од новото мнозинство кое го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Вреди (ВЛЕН) и ЗНАМ кои заедно имаат 78 пратеници, дадоа и пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
За договорената поддршка, ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение во кое наведе дека прифатиле во Собранието да се формира ад хок комисија кое ќе ја следи правичната застапеност во органите на државната самоуправа. На чело на ова тело ќе биде пратеник од опозицијата односно од Европскиот фронт.
Пратениците од СДСМ и Левица, пак, се противеа на законските измени и начинот на кој се носат тие – во скратена постапка, без анализа и дебата и без вклучување на експертската јавност.