Моди положи заклетва за трет мандат како премиер на Индија

Моди вети дека „ќе биде вистински лојален на уставот на Индија“, 9 јуни 2024 г.

Индискиот премиер Нарендра Моди денеска (9 јуни) положи заклетва за трет мандат по изборите на кои освои полоши резултати од тие што ги очекуваше поради што сега мора се потпира на коалициски партнери.

Моди, придружуван од официјални лица од неговата хинду-националистичка партија и лидерите во неговата коалиција, на церемонијата по повод неговата официјална инаугурација вети дека „ќе биде вистински лојален на уставот на Индија“.

За време на заклетвата, свиреше воениот оркестар, а почесна гарда беше распоредена на скалите од претседателската палата.

Видете и ова: Моди прогласи победа на изборите во Индија

Хинду-националистичката партија Бхаратија Џаната (БЈП) на Моди ја имаше целосната власт во изминатата деценија, но овој пат не успеа да ги повтори претходните две убедливи победи.

За да има поддршка од потребниот број пратеници, Моди беше на брзи преговори со Националната демократска алијанса (НДА), 15-члена коалиција.

Тој допрва треба да го објави составот на својот нов кабинет.

Неговите поголеми коалициски партии бараа големи отстапки во замена за нивната поддршка.

Во објава непосредно пред церемонијата со заклетвата, Моди наведе дека изминатите неколку дена бил многу зафатен при што посочи дека е на пола пат со подготовките за формирање на новата влада.