Родителите на руско-израелскиот заложник отпатуваа за Израел

Андреј Козлов разговара со родини кратко по спасувачката акција на израелските сили.

Родителите на руско-израелскиот државјанин, кој беше земен како заложник на почетокот на војната во Газа и беше спасен во операција на израелските сили на 8 јуни, одлетаа за Израел на 9 јуни за да се сретнат со нивниот син.

Андреј Козлов (27) е еден од четворицата заложници кои вчера беа спасени во операцијата во градот Нусејрат, откако 246 дена беше држен од милитантната група Хамас, прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

„Ерусалим пост“ денска (9 јуни) објави дека родителите на Козлов се очекува да пристигнат во Израел подоцна во текот на денот и оти биле придружувани од службеник од израелскиот конзулат во Санкт Петербург.

Видете и ова: Израелските сили спасија четворица заложници киднапирани од Хамас пред осум месеци

Официјални претставници на Хамас рекоа дека најмалку 210 палестински цивили биле убиени, а повеќе од 400 се повредени за време на операцијата на израелските сили за ослободување на заложниците. Операцијата беше спроведена како комбиниран напад од воздух и од копно.

Четворицата ослободени заложници беа киднапирани од музички фестивал во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во раните утрински часови за време на масовниот упад на Хамас. Во овој напад беа убиени околу 1.200 Израелци.

Од речиси 250 лица земени како заложници во нападот, околу 120 се во заробеништво, додека 43 се прогласени за мртви.

Во вчерашната операција, покрај Андреј Козлов беа спасени и Ноа Аграмани, Алмог Меир и Шломи Жив.

„Ерусалим пост“ објави дека татко на Меир, кој бил во лоша здравствена состојба и живеел сам, бил пронајден мртов во неговиот дом од официјални лица кои дошле да му кажат за спасувањето на неговиот син.

Видете и ова: Израелските сили убиле тројца Палестинци и раниле 13 лица на Западниот Брег, погодено е училиште на ОН во Газа

Во меѓувреме, Британија на 9 јуни објави дека два трговски брода биле оштетени од проектили во Аденскиот залив. Нема информации за повредени.

Борците Хути, поддржани од Иран, кои го контролираат поголемиот дел од Јемен, напаѓаат бродови во областа од почетокот на војната во Газа, велејќи дека дејствуваат во знак на солидарност со Палестинците.

САД денеска (9 јуни) објавија дека ја продолжиле испораката на хуманитарна помош преку привременото пристаниште поставено на брегот на Газа. Во текот на мај, преку ова пристаниште беше доставена помош од повеќе од два милиони тони.