Граѓаните на Бугарија денеска (9 јуни), гласаат на шести парламентарни избори во последните три години. Но, аналитичарите сметаат дека и овој пат најверојатно нема да се добие стабилна влада со што би ставил крај на долгата политичка нестабилност и ќе се деблокираат економските реформи.
Бугарија, која е најсиромашната членка на Европската унија и е една од нејзините најкорумпирани држави, се соочи со честите промени на власта по масовните антикорупциски протести во 2020 година. Оттогаш, беа одржани пет изборни циклуси кои резултираа со несигурни коалиции кои брзо се распаднаа.
Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека и на овие, шести по ред, ниту една политичка партија нема да добие мнозинство во парламентот.
Видете и ова: Два проблема што Бугарија не може да ги решиГласачките места се отворија во 7 часот по локално време, а ќе се затворат во 20. Првични резултат се очекуваат околу полноќ.
На Бугарија и треба стабилна и функционална влада за да може го забрза финансирањето од ЕУ, да ја внесе земјата во еврозоната и целосно да се приклучи во Шенген зоната.
Плановите за приклучување кон еврозоната досега веќе двапати беа одложени поради инфлацијата, а новиот датум за пристапување е 25 јануари 2025 година. Неуспехот да се формира стабилна влада по денешните избори, пак, ќе го зголеми ризикот од дополнителни одложувања.
Бугарија досега има добиено само 1,4 милијарди евра од вкупно 5,7 милијарди евра достапни во форма на грантови од Инструментот за опоравување и отпорност на ЕУ.
До денешните избори дојде поради колапсот на владејачката коалиција во март, која се состоеше од централно-десничарската партија ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов и реформистичката партија Продолжуваме со промените (ПП) предводена од уште еден поранешен премиер, Кирил Петков.
Видете и ова: Веб-страници за ширење дезинформации никнуваат како печурки во БугаријаСпоред последната анкета на Галуп, која два дена пред изборите ја објави новинската агенција БТА, ГЕРБ е во водство со 25,9 отсто, а по неа три партии се во тесна трка за второто место.
Според анкетата, ПП би добила 15,7 отсто од гласовите. Ултранационалистичката проруска партија „Преродба“ 15,5 отсто, а Движењето за права и слободи, кое го претставува претежно големото турско малцинство, 15,3 отсто.
Бугарите денеска паралелно гласаат и за свои претставници во Европскиот парламент, но заморот од изборите може да биде проблем. Во анкетата на Галуп, само 40 отсто од испитаниците се изјасниле дека планираат да гласаат.