Од молебен за Србија и Република Српска, преку декларацијата, до фолклор.
Така беше организиран „Сесрпскиот собор“ под името „Еден народ, еден собор – Србија и Српска“.
Со идеја да се потврди српското единство, оваа манифестација, најавена и како „голема фешта“, се одржа во саботата (8 јуни) во Белград.
Меѓу гостите беше и пратеникот во Собранието на Северна Македонија, Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија.
Се одржа и заедничка седница на владата на Србија и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина на која беше усвоена Декларација за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ.
Видете и ова: Вучиќ изјави дека не мисли оти Декларацијата на Собранието на Србија за Сребреница е добраКако што рече српскиот претседател Александар Вучиќ, документот се однесува на Дејтонскиот договор и не се споменува разединување во Босна и Херцеговина.
Овој документ треба да биде одобрен од парламентите на Србија и на Република Српска во следните 90 дена.
Исто така, двете влади усвоија предлог за иницирање меѓународен конкурс за издигање споменици и меморијални центри посветени на жртвите од Јасеновац.
Соборот се одржува во време на засилена реторика на власта во Србија за „загрозување на српскиот народ“ поради усвојувањето на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница во Обединетите нации, на што се спротивставија Белград и Бањалука.
На настанот учествуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, како и претставници од највисоките институции на Србија и Република Српска.
Покрај Стоилковиќ, имаше и други претставници на Србите од регионот, како Андрија Мандиќ, претседателот на Парламентот на Црна Гора и пратеникот Милан Кнежевиќ.
Присутни беа и претставници на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби поддржана од официјален Белград.
На соборот учествуваа и патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфирије и други црковни великодостојници.
Соборот почна во храмот Свети Сава со молебен, како што беше речено, за Србија и за Република Српска.
Потоа функционерите, како и патријархот и црковните великодостојници, се преселија во Палатата Србија, каде се одржаа состаноци и заедничката владина седница.
Што кажаа Вучиќ и Додик?
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на заедничката седница изјави дека зборовите во Декларацијата се внимателно избрани и дека „нема збор за разединување“ во Босна и Херцеговина.
Документот, рече тој, се однесува на Дејтонскиот договор, кој ја дефинираше Босна и Херцеговина како држава на два ентитета – Федерацијата БиХ и Република Српска и дистриктот Брчко.
Тој додаде дека се испочитувани „одредени барања на Република Српска“, бидејќи, како што наведе, „не можеме ние да бидеме тие што ќе им кажеме на жителите на Република Српска дека подобро ги разбираме нивните проблеми“.
Вучиќ рече дека Србија „никогаш нема да ја остави Република Србија на цедило“.
„Вие ги донесувате вашите одлуки, јас само ве замолувам милион пати да размислите колку ни треба мир на сите. Моето барање е да се обидете да ги решите проблемите во мир и разговори и во согласност со Дејтонскиот договор“, додаде тој.
Претседателот на Србија рече дека „многу е важно да им подадеме рака на Бошњаците на секое место“.
Видете и ова: „Разделба“ не значи независност, туку крај на Република Српска, според амбасадата на САД во БиХВучиќ рече дека во Декларацијата се зборува и за Косово и за почитување на резолуцијата 1244.
„Но, ние јасно зборувавме и за дијалогот како суштински начин за решавање на проблемот меѓу нас и Албанците. Нема друго решение освен дијалогот“, додаде тој.
Според неговите зборови, Декларацијата јасно зборува за европската перспектива, но има и точка која зборува за зачувување на традиционалните пријателства.
Зборувајќи за Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, која беше усвоена во ОН, Вучиќ рече дека никој не дал одговор на прашањето дали таа донесе помирување во Босна и Херцеговина и во регионот. Тој оцени дека „некому донесе радост, а на други гнев и бес“.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека „нема да се откаже“ 15 февруари, кој е Ден на српската државност, да се одбележува како ден на Република Српска.
Тој додаде дека ќе останат посветени на фактот дека Република Српска е создадена на 9 јануари и соодветно ќе го одбележуваат тој ден. Денот на Република Српска, кој се одбележува на 9 јануари, Уставниот суд на Босна и Херцеговина три пати го прогласи за неуставен.
„Република Српска беше задоволна со автономијата што ја доби преку Дејтонскиот договор, но тоа е доведено во прашање. Босна и Херцеговина не може да продолжи да го крши Дејтон, подобро е да живеете како добри соседи отколку да бидете трајно скарани дома“, рече Додик.
Тој додаде дека српскиот народ сака мир.
Додик оцени дека Декларацијата за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ е историски документ кој ги рехабилитира српските национални интереси.
„Декларацијата даде одговори на многу предизвици за тоа што треба да правиме во иднина“, рече тој.
И Додик се осврна на Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница.
„Ние не сме геноциден народ и оваа резолуција не нè засега во смисла на тоа дека треба да ја спроведеме“, рече Додик.
Резолуцијата, која беше усвоена од Обединетите нации на 23 мај, го прогласува 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.