Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, нема право на вето на законските измени со кои се воведуваат нови и се прави реорганизација на министерствата, велат од нејзиниот кабинет.
„Кабинетот на Претседателката укажува дека Законот за организација и работа на органите на државната управа е системски закон, односно се носи со двотретинско мнозинство, па согласно член 75 од Уставот, Претседателот нема право на вето на истиот, односно е должен да го потпише указот“, соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова.
Законските измени беше донесен со 88 гласа „за“ и 22 „против“. Седницата за нивно носење започна во петокот (7 јуни) а продолжи и по полноќ. Пратеници гласаа околу 2:30 часот по полноќ.
Видете и ова: Со поддршка од ДУИ, по полноќ изгласана реорганизација на министерстватаПоддршка, покрај пратениците од новото мнозинство кое го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Вреди (ВЛЕН) и ЗНАМ кои заедно имаат 78 пратеници, дадоа и пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Измените, кои во средата (5 јуни) ги предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање влада Христијан Мицкоски, се носеа во скратена постапка.
Пратениците од СДСМ и Левица, пак, се противеа на законските измени и начинот на кој се носат тие – во скратена постапка, без анализа и дебата и без вклучување на експертската јавност.
Законските измени го зголемија бројот на министерства од 16 на 20, а дел од постоечките се реорганизираат и се префрлаат надлежности од еден во друг сектор.
Врз основа на ова организација на Владата, Христијан Мицкоски ќе треба да го поднесе предлог-составот на владиниот кабинет. За тоа рокот од 20 дена започна да тече на 6 јуни кога Сиљановска Давкова му го додели мандатот.