Унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар денеска (8 јуни) на предизборен митинг повика десетици илјади приврзаници да ја поддржат неговата партија на изборите за Европскиот парламент в недела, на кои премиерот Виктор Орбан се соочува со еден од најтешките предизвици во неговото 14-годишно владеење, пишува Ројтерс.
Орбан кој дојде на власт во 2010 година, во последниве месеци се соочи со повеќе кризи, со скандал со сексуална злоупотреба поради кој „паднаа“ двајца негови клучни сојузници токму во моментот кога Унгарија излегуваше од најлошиот скок на инфлацијата во ЕУ.
Видете и ова: Трет ден избори во ЕУ – какви се прогнозите?Ројтерс посочува дека зголемените трошоци и слабото економско закрепнување, исто така, го спречиле Орбан да стекне предност, истовремено давајќи му шанса на лидерот на унгарската опозиција да освои повеќе гласови.
Најновите истражувања покажуваат дека поддршката за десничарската партија на Орбан, Фидес е меѓу 44 и 48 отсто, додека поддршката за унгарската централнодесничарска партија Тиса се движи од 23 до 29 отсто.
Најлошиот резултат на Орбан на изборите за Европскиот парламент беше 47,4 отсто кога Унгарија се приклучи на европскиот блок пред две децении. Од 2009 година ниту една опозициска партија, пак, не успеа да добие повеќе од 20 проценти од гласовите.
„Ако тоа го сакате и вие, Унгарија ќе биде земја на правдата, честа и правото“, им порача Маѓар на своите приврзаници на Плоштадот на хероите во Будимпешта на 8 јуни.
„Унгарија нема да биде клин, туку врска меѓу Истокот и Западот“, додаде тој.
Митингот организиран од Орбан во Будимпешта минатата недела, исто така, привлече десетици илјади поддржувачи.
Ројтерс повикувајќи се на информации од штабот на Маѓар, пренесува дека тој посетил речиси 200 градови за време на кампањата.
Видете и ова: Европските и локалните избори во Унгарија - тест за „суверенитетот“ на ОрбанОпозицискиот лидер Маѓар, претходно беше соработник на Орбан. Работел во Министерството за надворешни работи, а потоа и во кабинетот на премиерот во Брисел, пред да се пресели во државната банка и потоа да води агенција за студентски кредити. Тој на крајот се разочара од Фидес поради, како што рече, корупцијата и државната пропаганда на кои сведочел одвнатре. Тој рече дека неговите пратеници ќе се приклучат на Европската народна партија (ЕПП), која ги прекина врските со Орбан, во 2021 година.
Во меѓувреме, Орбан водеше преговорите со Партијата на европските конзервативци и реформисти на италијанската премиерка Џорџија Мелони, чија партија има 12 членови во Европскиот парламент кои не се дел од ниту една друга група.