Израелските сили спасија четворица заложници киднапирани од Хамас пред осум месеци

Еден од заложниците по ослободувањето од Газа, 8 јуни 2024 г.

Израелските сили во саботата (8јуни) спасија четворица заложници од две одделни локации во централниот дел на Газа, соопшти војската.

Четворицата заложници – тројца мажи и една жена, беа киднапирани од Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, во нападот извршен за време на музичкиот фестивал во јужен Израел на 7 октомври минатата година.

По спасувањето, заложниците биле пренесени во болница на медицински прегледи. Како што соопшти војската, тие се во добра здравствена состојба. Заложниците што ги држеше Хамас се на возраст од 21, 25, 27 и 40 години.

Видете и ова: Израелските сили убиле тројца Палестинци и раниле 13 лица на Западниот Брег, погодено е училиште на ОН во Газа

Со нападот на Хамас врз Израел од 7 октомври, започна разорната војна во Газа. Хамас тогаш уби околу 1 200 луѓе и зеде околу 250 заложници. Во офанзивата што потоа ја покрена Израел во Газа, според податоците на Министерството за здравство контролирано од Хамас, биле убиени 36 430 лица, а повеќе од 82 620 биле ранети.

Од 250-те заложници што ги земе Хамас, 116 сè уште се во Газа, а од нив најмалку 40 се прогласени за мртви.

По ослободувањето на четворицата заложници денеска од кабинетот на израелскиот претседател Исак Херцог беше дистрибуирана и снимка до јавноста. На неа се гледа како 25-годишната девојка Ноа Аргамани (една од четворицата ослободени) седи во болничка соба со нејзиниот татко.

„Многу сум среќна што сум овде. Ви благодарам за сè, ви благодарам за овој момент“, вели Аргамани.

Во друг видеоматеријал се гледа и како таа се среќава со нејзиниот татко, но и како телефонски разговара со премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Аргамани беше киднапирана заедно со нејзиното момче од фестивалот на југот на Израел на 7 октомври. Се верува дека момчето сè уште е во заробеништво.

Видете и ова: Борел: ЕУ го поддржува планот на Бајден за прекин на огнот во Газа

Девојката Ноа Аргамани стана препознатливо лице во оваа заложничка криза откако на интернет се појавија снимки од моментот на нејзиното киднапирање кое го извршија двајца мажи со мотор.

Во специјалната операција за спасување на четворицата заложници од Газа учествувале стотици припадници на израелските сили. Операцијата, како што соопшти израелската страна, била планирана со недели и во рамки на неа еден полицаец бил тешко повреден.